Би сакале со вас да споделиме информација за скорешниот напад врз интегритетот на нашата организација, како и врз сегашните и поранешните вработени кои по втор пат се изложени на ризик и закани на социјалните мрежи, информираат од Метаморфозис.
Во нивното соопштение до јавноста се вели:
-Станува збор за дезинформациска кампања со масовно споделување на клеветнички и навредливи објави и коментари на социјалните мрежи каде што нашата организација се обвинува за цензура и се обвинува дека се занимава со нелегални дејствија поради што отворено се врши притисок и се искажуваат закани за тужби.
При тоа се повикуваат граѓаните на јавен линч врз вработените на Метаморфозис како предавници, цензори и слично, кои работат против државата. Дополнително, во коментарите на овие објави има повици за насилство и говор на омраза кои се кривични дела.
Се шират невистини дека порталот Вистиномер брише објави од социјалната мрежа Фејсбук и им забранува на корисниците да објавуваат. Невистинитоста на ваквите злонамерни тврдења веќе беше потврдена со судска пресуда за клевета поврзана со слична кампања од 2020 година. Притоа, не се објаснува и не се дава пример за извршена цензура, а се објавуваат фотографии, имиња и презимиња на вработените, како и на поранешни вработени во организацијата.
Кампањата со која проверката на факти се обидува лажно да се претстави како цензура е во директна спротивност не само со новинарските принципи, туку и со Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдумикој ја истакнува важноста на проверката на факти како клучен фактор за обезбедување интегритет на изборите.
Транспарентноста на Метаморфозис и обврската при вршењето на проверка на факти да се објават финансиските извештаи се злоупотребува за оцрнување на вработените и на организацијата. Ваквите напади влијаат врз работата на новинарите кои работат во независните медиуми како и во граѓанските организации загрозувајќи ја слободата на изразување, слободата на здружување, како и соработката со меѓународната заедница, се вели во известувањето на Фондација за интернет и општество – Метаморфозис
Сметаме дека е важно да се покаже солидарност и заеднички отпор кон ваквите кампањи кои ги засегаат сите поединци, институции и организации кои работат за подобрување на демократските процеси во земјата, слобода на изразување, медиумска слобода и заштита на човекови права. Особено ако се земе предвид дека ова не е прв ваков напад врз организациите во граѓанскиот сектор, новинарите и врз оние кои се занимаваат со унапредување на човекови права и слободи.
Затоа веќе подолг период потенцираме дека е потребна заедничка акција за борба против штетните влијанија од дезинформациите и слични повици за јавен линч кои се очекува да се засилат во очи изборите оваа пролет.