Политичката партија Левица денеска до Основното јавно обвинителство – Скопје, поднела кривична пријава против потпретседателот на Владата на Република Македонија, Артан Груби од ДУИ, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „Противправно стекнување и прикривање имот“ – казниво по чл. 359-а, ст. 1 од Кривичниот законик на РМ, со запретена парична и затворска казна од шест месеци до пет години, соопштија од Левица.
-Пријавениот се терети дека во својство на овластено службено лице, како вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците во Владата на РМ – не го пријавил опожареното возило „Ауди“ во својот Анкетен лист, иако – како избрано или именувано лице, т.е. јавен функционер бил должен тоа да го стори во законски регулирана постапка предвидена пред Држвната комисија за спречување на корупцијата, се посочува во соопштението.
Со цел да го прикрие „аудито“, се додава, тој свесно и со умисла не го навел во Изјавата за имотната состојба и со помош на лицето Беким Лимани, во својство на помагач, возилото го завел како сопственост на Лимани, против кого, се наведува во соопштението, исто така е поднесена пријава за „помагање“ сторено преку однапред ветено прикривање на кривичното дело, што е казниво по чл. 24 од КЗ.
– Очекуваме, надлежното ОЈО – Скопје, сериозно да ја земе во работа оваа наша издржана кривична пријава и по неопходниот распит на пријавениот и сведоците, како и по професионалното комплетирање на целокупната релевантна документација за овој кривичноправен настан, да покрене обвинение против актуелниот министер, со што еднаш-засекогаш би се ставил крај на сè позачестената злоупотреба која се прави од недопирливите јавни функционери на власта, во однос на прикривање на нивните реални имоти и противправно стекнати богатства, соопштија од Левица.
Кривична поднесе и ВМРО ДПМНЕ против екс министерот Оливер Спасовски.
-ВМРО-ДПМНЕ денеска во Јавното обвинителство поднесе кривична пријава против Оливер Спасовски, кој како поранешен министер за внатрешни работи лично и директно е одговорен за хаосот со личните документи, изјави пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев.
Кривична пријава се заснова на прекршување на членовите 353 став 1 и 353-в став 5 од Кривичниот закон. Оливер Спасовски, како што нагласи, во својство на министер за внатрешни работи во период од околу две и пол години издавал лични документи кои знаел и бил свесен дека нивната важност нема да биде во рок отколку што е ставен во документите, туку тие ќе престанат да важат на 12.02.2024 година.
– Во период од 12.02.2019 се до средината на 2021 година тој свесно и директно раководејќи со Министерството за внатрешни работи, кои што впрочем ги издаваат овие документи нанесува штета на десетици илјади граѓани. И таа штета е и материјална и нематеријална штета. Две ипол години тој ја донесува македонската јавност, граѓаните на Република Македонија во заблуда со ова негово постапување. Впрочем тој врши злоупотреба на службената положба и овластувања, и несовесно работење во службата, изјави Јанушев.
Јанушев очекува од Јавното обвинителство да ја прифати кривичната пријава поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и да отвори истрага за Оливер Спасовски бидејќи, како што рече, одговорност во оваа држава мора да има. Апелираше новоизбраниот јавен обвинител Љупчо Коцевски да покаже дека е професионалец.