Петте ученици Албанци од прво одделение, оваа година ќе продолжат да учат на мајчиниот, албански јазик во училиштето „Тодор Јанев“ од Чашка, а веќе од догодина во новата зграда, која треба да биде изградена.
Ова е договорот, кој го постигнаа жителите кои протестираа и власта, по три месеци отпор на решението на Министерството за образование и наука да се отвори паралелка на албански јазик. Учениците Албанци, околу 80 на број, ќе продолжат да следат настава на македонски јазик во ООУ „Тодор Јанев“. По барање на жителите, кои протестираа, сменета е и досегашната директорка, а на нејзино место е именуван за в.д директор Бојан Ѓорѓиов.
„Денеска по два и пол месеци наставата продолжи во ОУ „Тодор Јанев“ во Чашка без пречки, а на училиште се вратија вкупно 178 ученици. Како би функционирала албанската паралела? Да, тоа е потпишано во договорот меѓу министерството и локалната самоуправа, проблемот е решен и би работел без проблеми“, кажал Ѓорѓиов за ТВ Алсат М.
Локалните жители Албанци, не се задоволни од решението, бидејќи ,според нив училишната зграда, која треба да почне се гради ќе биде во друго село, а не во Чашка.
-Зошто училиштето да не биде овде во Чашка, не знам кои се пречките. не е во ред, зошто да учат на македонски кога треба да си го учат својот јазик“, вели еден од жителите.
Со одлука на Влада од оваа недела, изградбата на објектот ќе биде заедничка обврска на министерството и општината.
„Чашка ќе отпочне иницијатива за основање на нов правен субјект, ќе обезбеди локација и комплетна урбанистичко – планска документација, додека МОН ќе обезбеди финансиски средства и ќе го реализира инфраструктурниот проект. Новото училиште треба да биде изградено до крајот на тековната календарска година“, стои во владината одлука.