Врие од корупција и непотизам во јавниот сектор. За тој да се реформира ни треба имплементација на законите, со што службениците ќе напредуваат според нивните вештини и квалификации. Засега напредувањето неретко се базира на партиската припадност, а тоа ги обесхрабрува сите во општеството – заклучоци од конференцијата што ја организираше Конфедерацијата на слобосни синдикати на тема „Влијанието на корупцијата и непотизмот врз реформите, платите и капацитетите на јавниот сектор“.
Пренатрупана, а неефикасна администрација, хаотични институции и слаба имплементација на законската регулатива. Ваквите контрадикторности им го отежнуваат пристапот на граѓаните до јавните услуги, а службениците немаат можност да напредуваат според нивните вештини и квалификации.
„Пипците“ на длабоко вкоренетата партизираност ја поткопуваат функционалноста на целиот општествен систем, но реформите во јавната администрација кои беа најавувани години наназад од министрите кои се менуваа, никако да го видат „светлото на денот“. За оваа состојба алармираше Конфедерацијата на слободни синдикати која иницираше јавна расправа со надлежните околу оваа проблематика.
Не измени, туку имплементацијата на законите за подобрување на состојбата
Претседателот на КСС, Благоја Ралповски вели дека во јавниот сектор врие од корупција, но таа е застапена кај избраните и именувани лица.
„Секогаш кога ќе добиеме извештаи за напредокот од Европската комисија и кога ќе се нотира корупција во јавниот сектор или ќе се нотира превработување во јавниот сектор, прстот се вперува кон вработените во јавниот сектор. Но извештаите покажуваат дека корупцијата и непотизмот потекнуваат токму од оние избрани и именувани лица. Затоа ние кажуваме дека поради таа корупција и поради тој непотизам имаме и пониски плати, проблем на работното место,а одредени колеги трпат психофизички тортури“, вели Ралповски.
Тој укажува дека реформите не треба да почнат со менување на законите, туку со нивно почитување и имплементација.
„Секогаш во Македонија кога некој ќе каже дека имаме корупција или дека треба да направиме реформи, политичарите веднаш помислуваат на правење на нови закони. Така и со Законот за административни службеници којшто беше сменет неколку пати во овие пет-шест години. Направија еден тотален хаос каде што ниту образованието ниту кариерата не доаѓаат предвид за вработените во јавниот сектор, туку секогаш во преден план ќе бидат оние кои ќе бидат партиски послушници и ќе бидат наградени од раководителите и директорите“, додава Ралповски.
Над 50 новоформирни институции, но квалитетните кадри немаат мотив за да останат во нив
А хаосот на којшто тој посочува, го доловува и новиот дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација, Стефан Андоновски. Анализата која ја направил со својот тим, покажува дека во последните шест години во земјава се формирани 55 нови институции.
Меѓу другото, тоа значи 55 нови директори, управни одбори, секретарки, возачи и така натаму, но не и поголема достапност на услугите.
Од нив, 18 биле формирани во текот на 2023 и од почетокот на 2024 година. Ваквата ситуација не соодветствува на препораките кои ЕУ ги дала уште во 2019 година во проектот насловен „Реформа на јавната администрација“, а тоа е дека треба згаснат дури 200 од македонските институции.
„Во моментот во државата има 29 инспекциски служби (инспекторати), а анализата вели дека треба да имаме 12. Инспекцискиот совет на пример е составен од „екстра луѓе“, седум членови коишто земаат навистина многу видока плата, а немаат никаква надлежност. Таму се случува судир на законски надлежности, судир на вработени, но најмногу на директори“, нагласува Андоновски.
Тој алармира дека бројот на институции и на вработени постојано се зголемува без никаков мерит систем, во кој отсуствуваат критериуми како за напредување, така и за казнување.
„Ние постојано го зголемуваме бројот на институции и на вработени без никаков мерит систем, истовремено терајќи ги луѓето кои се чесни и работат во јавната администрација на мизерија. Зошто на мизерија? Затоа што луѓето кои не се блиски со нивниот партиски или политички шеф во јавната администрација не добиваат додатоци на плата. Овие луѓе не напредуваат врз основа на критериуми, немаат можност за мобилност, за обуки во странство сѐ додека истворемено се вработуваат луѓе кои немаат поим и не знаат дали ги исполнуваат или не ги исполнуваат критериумите. Не го зборуваат ни македонскиот јазик, а работат во јавна администрација во Република Македонија“, порачува Андоновски.
А како изгледа тоа во пракса? Андоновски тврди дека има институции во кои во последните три или четири години никој не е казнет поради неизвршување на работните задачи или пак, казнувањето се врши врз основа на партиска припадност.
„Имате луѓе кои пет, шест или седум години работеле на позиција раководител на сектор, државен советник, раководител на одделение, воделе ИПА проекти и така натаму, и одеднаш нивниот труд не е вреднуван. Да не зборувам за наградувањето, за дигнитетот“, додава Андоновски.
Проблемот со (не)функционирањето на јавната администрација го надополнува феноменот на заминување на квалитетните кадри.
„Дури и квалитетните што доаѓаат по исклучок се комплетно демотивирани затоа што гледаат дека наместо да имаат ментор кој си ја води успешно работата и работи 10 години тие имаат ментор кој е вработен пред две години и не знае зошто е таму. Тој процес мораме да го запреме и да ги задржиме квалитетните луѓе во институциите, да ги мотивираме. Знаеме дека основата е платата, но мислам дека луѓето би работеле и за помал месечен надоместок отколку во приватниот сектор ако е достоинствена работата, ако тоалетите се реновирани, ако работната атмосфера е позитивна и имаат квалитетни обуки“, вели Андоновски.
Со дигитализација на услугите до поефикасна борба против корупцијата
Професорот Лазар Јовевски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ пак, смета дека корумпираноста на системот ги обесхрабрува сите, не само во јавниот, туку и во реалниот сектор, во стопанството.
„Затоа е многу важно да се детектира од каде произлегува проблемот со корупцијата во јавниот сектор, непотизмот, непрофесионализмот. Ако сакаме државата да оди напред на кое било поле, мора фундаментално добро да се постави функционирањето на јавниот сектор. Јавниот сектор мора да се охрабри и да бара луѓе кои се професионалци. За ова зборуваме 30 години, но бараме начин како да не го примениме“, вели Јовевски, раководител на Катедрата по трудово и социјално право.
Тој апелира дека луѓето не треба да се вработуваат поради некаква политичка, нацонална или друга припадност, туку поради нивната стручност.
„На хартија имаме критериуми и мерила кои треба да ги доведат на површина најдобрите кандидати во јавниот сектор, но во пракса тоа не функционира. Има многу злоупотреби. Мора да се изменат некои закони и да се засилат некои институции кои вршат контрола, судовите да постапуваат со друг капацитет и обем. Ако тие што треба први да го почитуваат правото, не го прават тоа, проблем има целото општество“, вели Јовевски.
Тој додава дека доколку сакаме да ја средиме државата, решенија има. Вистинското прашање е дали сакаме:
„На голем дел од креаторите на политиките им одговара ваквата состојба на нефукционалност на системот, а ако јавниот сектор не ги почитува принципите на владеење на правото, тоа значи дека државата не функционира и дека системот се руши од внатре“.
На важноста на политичката волја укажува и претседателот на КСС, Ралповски кој решението делумно го гледа и во дигитализацијата на услугите.
„Ние пред сѐ кажуваме дека за да се сузбие корупцијата потребна е дигитализација. Таа дигитализација ќе овозможи мерит систем и системот ќе кажува кој работи, а кој не работи. За тоа да се случи треба да има политичка волја, да почнат да се спроведуваат законите и да се направи еден мораториум во јавниот сектор каде што ќе се преброиме и ќе видиме кој, каде и што треба да работи. Каде што имаме поголеми плати таму имаме и превработеност, а каде што има мали плати таму фалат работници во јавниот сектор“, заклучува Ралповски.
Дополнителниот заменик министер во МИОА, Ангеловски вели дека дигитализацијата би можела целосно да ги трансформира постоечките институции.
„Ова нема да значи бркање од работа на вработените. Во дигитализацијата на процесите прв фокус треба да ни бидат вработените. Овие луѓе да видиме колку ИТ вештини имаат, дали се сертифицирани, ако не се да ги сертифицираме“, додава Ангеловски.
Според него, токму луѓето во институциите треба да им кажат на политичарите како да ги дигитализираат процесите.
„Тоа е лесно од технички аспект, сега веќе кодови за дигитализација се пишуваат и во Индија и чинат многу малку. Но не можете да ги дигитализирате процесите ако не ви ги олеснат правилниците внатре во институциите, ако не се намали потребата од бази на податоци, на докази и така натаму. Тука ви се клучни вработените. Ниту во МИОА ниту било каде не можам да направам без тимот. Џабе е идејата за антикорупција ако немате кадар кој внатре ќе се справува со процесите“, додава Ангеловски и апелира дека е потребна институционална надеж:
Нам ни е потребна надеж во институциите. Само со таква институционална надеж може да ги менуваме работите – заклучува тој.
Дека корупцијата е широко распространета во македонското општество нотираше и истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка. Како што и претходно објави ММС врз основа на заклучоците од истражувањето, на секој трети граѓанин во државата му било побарано мито, а секој четврти дал. Тоа значи дека во последната година, мито им било побарано на пола милион граѓани, а било дадено од околу 380.000.
Граѓанскиот сектор всушност нотираше дека најчесто е застапена таканаречената ситна корупција и е распространета во сите области од здравство и образование до градежна индустрија.
Вања Мицевска