Мобилен тим на Секторот на контрола и истраги спречи шверц на 4,4 тони месо од дивеч ризичен по здравјето на граѓаните, што возач на камион во сопственост на грчка фирма сакал да го внесе во државава.
-Месото од дивеч во вредност од 4 милиони денари, ниту било декларирано во царинската декларација ниту пак превозникот за него имал соодветен сертификат, и дозвола од соодветна надлежна институција Агенција за храна и ветеринарство. Во царинската декларација стоката е декларирана како „пластични палети и подвижни метални рафтови” со вредност од 3.750 евра или само 5,6 проценти од вкупната вредност на стоката, информираат од Царина и додаваат:
-На терминал на граничен премин Табановце, инспектори со скенер извршија контрола која што покажа дека во возилото освен декларираната стока има и друга стока која не е опфатена со царинската декларација. По отворање на возилото во 29 пластични палети е пронајдено замрзнато месо од разен дивеч, зајаци, фазани, еребици, за кои не поседувал никаква документација. Против сторителот е поднесена кривична пријава заради прекршување на Кривичниот законик, информираат од Царинската управа.