Триесет и шестмина пратеници се пријавени за збор за разрешувањето на министерот за здравство Фатмир Меџити, кој доаѓа од Алијанса за Албанците. Откако тој и министерот за информатичко општество Азир Алиу се изјаснија дека го поддржуваат претседателот на АА Арбен Таравари, техничкиот премиер Талат Џафери побара нивно разрешување и именување нови, кои се од крилото на АА што го предводи Зијадин Села.
Џафери од собраниската говорница образложи дека професионалноста на Меџити и Алиу не е спорна, но дека според законот не може да има два опозициски субјекта во состав на Владата и дека тоа е основната причина зошто е предложено разрешувањето на двајцата министри.
Според опозицијата, Талат Џафери нема демократски капацитет да се носи со техничка влада.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека разрешувањето на министрите е политичко барање на ДУИ организирано и спроведено од Артан Груби поради стравот од окрупнување на албанскиот опозициски блок и поразот на изборите.
Со ваквото дејствување Владата на техничкиот премиер, како што рече пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, се подигнува тензијата во целата држава и се создава поголем ризик да има сомнеж дека ќе има тензии пред и за време на изборите што никому не му е потребно.
Халил Снопче, пратеник од Алијанса на Албанците, кој го поддржува Арбен Таравари, коментирајќи го говорот на Џафери рече дека Алијансата на Албанците одлучила да оди заедно со опозоцијата и праша ако АА е опозиција зошто тогаш нема разрешување на министерот за правда и на двајца заменици министри.
Мартин Костовски од СДСМ посочи дека до оваа ситуација со разрешувањето дошло откако дел од мнистритите кои се од Алијанса се изјасниле дека сакаат да одат во опозиција.
– Влегувањето на Алијанса во Владата беше врз база на политички договор и приницпи, взаемна согласност за реализација на владината програма. Со одвојувањето на дел од оваа партија нормално е да продолжиме да соработуваме со оние кои сакаат да ја поддржат и да останат во Владата. Сметаме дека е крајно несоодветно, политички некоректно и нечесно кон граѓаните доколку некој смета дека треба да биде опозицијата а да биде дел од оваа влада, додаде Костовски.
Седницата продолжува во 17 часот, а се најавува дека Парламентот ќе работи и викендов