Граѓаните кои што се затекнати во странство по 12 февруари а се со стари патни исправи, ќе можат да се вратат во државава со патен лист кој се издава во дипломатско-конзуларните претставништва, информира на денешниот брифинг со новинарите шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Османи кажа дека нема простор за паника кај граѓаните, ДКП-ата ќе работат во две смени и сабота и недела, додавајќи дека најголем наплив за барања на патни листови има во Германија.
-Таму има и две нови мобилни станици за издавање патни исправи. Најголем е напливот во Бон, каде се издадени над 6000 патни листови. Потоа во Берн, Берлин, Минхен, Венеција, Рим и Љубљана, рече Османи.
Османи кажа дека во државите каде немаме ДКП-а, односно во Африка каде што има само во Каиро, се работи на е-конзулат и патните листови ќе бидат праќани по пошта.
На 12 февруари истекува транзициониот рок од Преспанскиот договор, член 6. Османи вели дека има јасна политичка волја и од Северна Македонија и од Грција за продолжување со целосна имплементација на договорот од Преспа.