Како причина за неодамнешното непродолжување на директорскиот мандат на директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби од Скопје, д-р Милена Стевановиќ, беше јазичниот сертификат. Министерот за здравство Фатмир Меџити објасни дека Стевановиќ била со завршен мандат и на распишаниот конкурс е избран нејзиниот опонент, бидејќи на неа и’ завршил важноста на меѓународниот сертификат за познавање на англиски јазик.
-Имаше истечен сертификат. На конкурсот имаше двајца кандидати и заедно со службите во Министерството ние го одбравме тој што беше со комплетна документација, објасни Меџити.
За нов директор е избран доктор Фадил Цана. Меѓутоа, кога ќе се спротивстават фактите, излегува дека ова објаснување на министерот „не држи вода“, бидејќи според важечката македонска легислатива, важноста на сертификатите се признава според тоа како ги утврдила институцијата што ги издава. Во случајов, сертификатот на д-р Стевановиќ е издаден од Кембриџ, каде нема рок на валидност, туку трае неограничено.
-Исклучок од одредбата важноста на јазичниот сертификатот да се одредува според рокот што го дала институцијата што го издала е Управата за јавни приходи, каде се бара сертификат не постар од пет години. Ова е во делот на приемот во институции што ги опфаќа Агенцијата за администрација, изјави директорот на Агенцијата, Спасе Глигоров.
Министерот одлучува, не сертификатот
Во случајот здравствените институции, назначувањето на директори е регулирано во Законот за здравствена заштита. Именувањето и разрешувањето на директорите го врши министерот за здравство. Но, во критериумите за прием, е предвидено именуваното лице да поседува еден од следните меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик: ТОЕФЛ ИБТ, ИЕЛТС (IELTS), ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) – најмалку Б2 (B2) ниво, ФЦЕ (FCE) ,(Cambridge English: First) – положен, БУЛАТС и АПТИС– најмалку ниво Б2.
Во случајот со отфрлањето на кандидатура за директор поради јазичниот сертификат, министерот не го имал во предвид фактот дека уверенијата што ги издава Кембриџ се трајни.
На интернет страницата на угледниот универзитет, во делот за квалификации за англиски јазик се објаснува дека „резултатот и сертификат од испитот по англиски јазик на Кембриџ се валидни на неодредено време . Тие покажуваат дека на одреден датум сте покажале јазични вештини на одредено ниво“. Што значи, во случајов, министерот одлучил дека ова објаснување од Кембриџ, не го гледа како валидно.
Како котираат сертификатите во државните институции?
Меѓународно признат сертификат за познавање на англиски јазик е еден од условите за именување директори во многу државни институции. Ваков сертификат на пример, е потребен и при именување на директор и во селско училиште.
Директорот на Агенцијата за администрација кажа дека секоја година се врши проверка на тестаторите.
-На почетокот на годината во јануари вадиме листа на светски тестатори, кои издаваат вакви сертификати. Тоа се главно тестатори како Кембриџ, Британски совет, поретко ТОЕФЕЛ, вели Глигоров.
Со други зборови, не секоја агенција која издава сертификати, може да се смета за валидна. Оваа листа понатаму служи како основна врз која се проверуваат сертификатите со кои аплицираат кандидатите.
Сертификатите за познавање на јазик и нивната важност се предмет на политичко поткусорување во повеќе професии и напредокот во кариерата. Така е при прием за администрацијата се’ до напредувањата во правосудството, каде понекогаш одлучува и еден бод. Овие јазични сертификати ги плаќа кандидатот, а за тие во странство конкретно, цените на Кембриџ се од 153 до 217 фунти.
Во некои од државните институции и покрај тоа што сертификатите како тие од Кембрџ имаат неограничена важност, при приемот се инсистира на документ не постар од пет годни, што секако, е нов трошок за кандидатот, чиј прием не е гарантиран.
В.К.