Со реализација на планирате инвестиции, државата ќе добие енергетска независност и долгорочна предвидливост на цените на електричната енергија Законот за стратешки инвестиции беше изгласан пред пет години, а на последниот повик што се затвори на 31 јануари 2023 година имаше над 16 различни апликации од кои осум имаат потенцијал да добијат статус на стратешки инвеститор. Седум од стратешките инвеститори се од областа на енергетиката, а еден од областа на туризмот кој е заинтересиран за инвестиции во скијачкиот центар Попова Шапка. Сите четири потенцијални стратешки инвеститори веќе имаат доставено банкарска гаранција, а според бизнис плановите кои ги имаат доставено, вкупно ќе инвестираат 786 милиони евра. Енергетската криза која погоди поголем дел од светот во изминатиот период, предизвика намалување на инвестициите во нови енергетски капацитети, поради потребата да се субвенционира цената на електричната енергија за граѓаните и стопанството, брифираат владини извори.
За таа намена, како што брифира вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на денешната средба со новинарите, отидоа 400 милиони евра. Затоа, како што беше речено на средбата, се бараат стратешки инвеститори кои ќе создадат нови енергетски производствени капацитети во земјава. Со нивната реализација државата ќе добие енергетска независност и долгорочна предвидливост на цените на електричната енергија. Договорено е целата произведена струја од фотонапонскиот парк „Стипион“ со инсталиран капацитет од 400 мегавати и предвидена инвестиција од 270 милиони евра, во следните 30 години да ја откупува ЕСМ по гарантирана цена од 56 евра за мегават час, а балансирањето да оди на заеднички товар на АКУМА и ЕСМ. На таа цена ќе може да се додаде и годишна инфлација од максимум 2 отсто, но согласно инфлацијата на еврозоната.
Од брифингот се дознава дека Митилинеос, гасна когенеративна електрана, е инвестиција од 290 милиони евра што треба да се гради на државно земјиште во скопската железарница. Со Митилинеос е договорена формула за пресметка на цената на електричната енергија што ќе се откупува во наредните 20 години, најмалку за 5 отсто пониска од пазарната. Капацитетот треба да има инсталирана моќност од 165 мегавати и годишно производство од 1.100 мегават часови електрична енергија, што ќе биде добро за балансирање на системот. Дополнително, топлинската енергија што ќе ја произведува ќе ја продава на државата за 40 отсто поевтино од пазарната цена. За државното земјиште ќе дава закуп од 0,1 евро по квадратен метар и 2 евра годишно по квадратен метар за одржување. По реализираната инвестиција, ќе добие 50 милиони евра државна помош распоредена во рати во период од пет години. Потребно е да се изгради само еден километар цевковод за да се спои со постојниот топловоден систем во Скопје. Откако ќе заврши државниот закуп на земјиштето стратешките инвеститори ќе треба објектите да ѝ ги отстапат на државата за едно евро за квадратен метар. Моменталната производна цена на ЕСН во РЕК Битола е 110 евра по мегават, а на ниво на цела компанија е 90 евра, додека на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум му ја продава за 58 евра за мегават.
Вицепремиерот најави дека очекува земјава конечно да излезе од криза и токму затоа АД ЕСМ започна со иницијативи за сопствени инвестиции. Веќе има потпишано меморандум со американската компанија „Џенерал електрикс“ за изградба на гасна електрана во ТЕЦ Неготино со инсталиран капацитет од 800 мегавати и во РЕК Битола за дополнителни 300 мегавати. Покрај тоа, со САД и Велика Британија се водат и преговори за инсталирање на мали нуклеарни реактори во земјава, чија цена изнесува околу две милијарди евра за инсталиран капацитет од 470 мегавати.
На дневниот ред на утрешната 140-та седница на Собранието се ставени Предлог-законот за реализација на стратешки инвестициски проекти како „Митилинеос“, „Соларен парк Стипион“, АИМ ГРЕЕН ТЕЦХ и соларна електрична централа – Пехчево, по скратена постапка.
Здружението на инженери на Република Македонија (ИНРМ) вчера достави допис и упати електронска порака до секој пратеник во Собранието поединечно, со кои бараат да не даваат поддршка на четирите, како што велат, штетни предлог закони за реализација на стратешки енергетски инвестициски проекти зашто го нарушуваат енергетскиот суверенитет на државата.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) Марко Бислимоски, пак, вчера порача дека со влезот на стратешките енергетски инвестиции ќе се зголеми енергетската независност на земјава и ќе се преполоват сметките за парно