Кога е во прашање грижата за македонскиот јазик, постојано ја обвинуваме државата и институциите за негрижа, но никогаш не тргнуваме од себе – истото како и за ѓубрето на улица и велиме дека е валкано, за потоа тој што критикува по една минута да фрли хартија на улица.
Ова го емисијата „Стадион“ го кажа универзитетскиот професор Емил Нијами, кој сподели став дека е точно оти англискиот јазик е лингва франка (јазик што наоѓа систематска примена кај општењето помеѓу луѓе од различни јазични подрачја) и треба да се знае, но проблем е што децата помеѓу себе комуницираат на англиски јазик.
-Комплетната комуникација се одвива на англиски јазик. Седат во кафуле, пет души и зборуваат на англиски јазик, станува збор за Македонци, ги слушате и по извесно време кога треба да плаќаат му се обраќаат на келнерот на македонски јазик и едноставно сте во шок, вели Нијами.
Неговата колешка, професорката Лорета Георгиевска – Јаковлева дополнува дека на проблемот може да се гледа пошироко.
-Ние отворивме многу школи каде наставата се изведува комплетно на англиски јазик. Во свеста на родителите тоа се програми кои повеќе одговараат на пазарат на труд од тоа што го нудат државните училишта. Потоа, има градинки каде се изучува и се зборува англискиот јазик. Трето – цртаните филмови децата од мали ги гледаат на англиски јазик. Имаше еден интересен случај на дете од три години, не само што зборуваше со родители на англиски јазик туку влезе во ликот на цртаниот филм и комплетно се однесуваше како ликот од цртаниот филм, рече Георгиевска – Јаковлева.
Со новоусвоениот Закон за употребата на македонскиот јазик, се воведуваат повеќе новини, вклучително и задолжително лекторирање. Тоа би требало да го зголеми интересот за студирање на катедрите на македонски јазик.
Како што велат професорите, има студенти по македонски јазик, иако тој број е мал и се стипендирани. Но, на тие завршени студенти нема каде да им се понуди работа. Платите во образованието се ниски и тоа ги дестимулира. Со обврската за лектори со новиот закон, очекувањата се дека ќе има дефицит на македонисти и ќе се зголеми интересот за студирање.
В.К.