Центарот за јавно здравје од Кочани се очекува денеска да ги добие првите резултати од брисевите земени во детската градинка „23 Август“ од Берово, откако се пријавени случаи на деца со стомачни тегоби. Градинката објави соопштение за родителите, во кое се бара да не ги носат децата во случај на пројавување на симптоми како зголемена температура, дијареја, повраќање, кашлање и да се консултираат со лекар.
Општината Берово, која е надлежна за работењето на градинката побара да не се шири паника и страв. Во информацијата до граѓаните и родителите пред се’, градоначалникот Звонко Пекевски соопшти дека вчера бил известен Центарот за јавно здравје од Кочани, за настанатата состојба, земени се мостри од неколку болни деца и во најкраток можен рок, се очекуваат резултати.
„Доколку се потврди присуството на бактерија салмонела, ќе бидат преземени сите можни пропишани мерки и секако ќе се побара одговорност, од директно надлежните.
Одговорноста над процесите и институциите е она што го прави системот функционален и во служба на граѓаните. Сепак, пред одредени факти да бидат потврдени, непотребно е да се создава паника и да се влева страв, меѓу населението, соопшти градоначалникот Пекевски.
Во кратката комуникација Пекевски не’ информира дека нема што ново да соопшти додека не добие резултати од земените мостри.
Од Центарот за јавно здравје од Кочани претпладнето најавија дека во текот на денот ќе излезат првите резултати, за што писмено ќе не’ информираат.
Настаните од градинката „23 Август“ ги коментираа со повеќе прашања и од Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ од Берово упатени до градоначалникот Пекевски и директорката на Детската градинка „23 Август“ во Берово:
„Дали во градинката по земен брис од деца е изолирана бактерија салмонела? Дали за тоа се известени инспекциските служби на АХВ ? Дали е издадено решение за забрана на работата на кујната во градинката и наредба за спроведување на вонредно механичко и хемиско чистење, комплетна дезинфекција и спроведување на вонредни здравствени прегледи за вработените лица во кујната?“, прашаа од ВМРО ДПМНЕ.
Загрижените родители на социјалните мрежи реагираат дека тешко дека ќе може да се утврди присуството, а со тоа и потеклото на бактеријата кај нивните деца, бидејќи постапката за утврдување е почната денови подоцна по појавата на првото заболено дете.
В.К.