По вчерашната заедничка средба во Приштина на претставниците на македонските опозициски партии од албанскиот блок со премиерот на Косово Албин Курти, , Изет Меџити, лидерот на Демократското движење изјави дека ја добиле поддршката од косовскиот премиер.
Меџити, во гостување за косовската ТРВ Дукаѓини потврди и дека партијата на Курти – Самоопределување, преку претставниците во Македонија ќе биде дел од оваа коалиција.
„Поконкретно за соработката – господинот Курти и Самоопределување како и досега ја поддржуваат албанската опозиција. Самоопределување е дел од албанската опозиција, се разбира дека нема да биде официјално како партија, бидејќи не е регистрирана во Македонија. Дефакто, тоа е дел од албанската опозиција, бидејќи албанската опозиција е дел од Европската лига за промени. Освен тоа, ја подготвуваме изборната програма и на неа работат четирите субјекти и претставници на Самопределување, како Арбр Заими, Беким Ќоку и други експерти, а во разговор сме и со Таравари“, изјави Меџити за РТВ Дукаѓини.
Таравари, кој сега е дел од владејачкото мнозинство во Македонија, исто така отпатува во Приштина на оваа средба со косовскиот премиер, на која присуствуваа Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши – претседателите на партиите Демократско Движење БЕСА и Алтернатива.
Соопштувајќи за средбата, Меџити сподели фотографија од лидерите, на која како што пишува, меѓудругото, се разговарало и за „факторизација на Албанците во регионот“
„Во братски амбиент разговаравме за политичките случувања во нашите земји, соработката која ќе придонесе за унапредување на положбата на Албанците во Северна Македонија, економскиот развој на двете земји и факторизирањето на Албанците во регионот. Заедно не’ очекуваат голема работа и обврски“, напиша Меџити.
Тема на разговорите, како што беше соопштено во заедничкото соопштение по средбата, била ситуацијата во балканскиот регион, добрососедството и „перспективата на важното партнерство меѓу Косово и Македонија, но и за можен кандидат за претседател на претседателските избори, заедно со парламентарните во мај“.
Четворицата партиски лидери предложиле предлог за претседател, за што побарале мислење од Курти.