ЦУК: спасителната акција на Водно, со голема пожртвуваност од сите ангажирани субјекти се заокружува успешно со транспорт на повредениот до болница, на крајот од денот – во првиот мрак Денеска, доцна попладне на 112 во ЦУК информирано е за повредено лице – со скршена нога на патека на Водно.
-Секторот за операции и координација со Регионалниот ЦУК Скопје веднаш ги контактираше институциите што би помогнале, освен Црвениот Крст, бидејќи нивната спасителна служба е дежурна само за време на викендите кога фрекфенцијата на планинските патеки на Водно е поголема. Покрај два припадника од МВР, медицинскиот тим од скопската Итна медицинска помош, поради оддалечоста на повредениот, пешки стигнале до местото на настанот со голема внимателност по замрзнатата патека, што се повеќе замрзнувала како што одминувал денот и се намалувале температурите. На лице место, со помош на полицајците од ПС „Карпош“ му дале прва помош и го згрижиле повредениот за да може на раце да се носи со носилка до возилото, а потоа со возилото да се транспортира до болница. Притоа тие и го загреале, бидејќи било се постудено. Од ЦУК, паралелно биле контактирани и припадниците на Армијата, коишто имаат пункт на Средно Водно, а истовремено било контактирано и со Хеликоптерската единица за да се има комуникација во случај на потреба, но немало потреба да интервенираат во конкретниот случај, информираат од ЦУК.
Регионалниот ЦУК Скопје информираше дека во 17 часот кај повреденото лице на помош стигнале специјалци од ЕБР на МВР.
– Локацијата и времето од денот дозволувала само на раце да се носи со носилка од силни луѓе со познавање на движење по планински патеки до возилото на итната медицинска помош околу еден час и повеќе. Во моментов ривршува носењето на повредениот до возилото на Итната медицинска помош на Водно, па потоа со транспортот до болницата каде што ќе добие дополнителна медицинска помош за санирање на повредата. Според првичните информации од терен, повредениот возрасен граѓанин бил пасиониран и искусен вљубеник во Водно и на планинското пешачење, па речиси секоја недела се искачувал на Водно, дури и по трипати во некои недели. Но, денешното планинско пешачење на крајот од денот било кобно и по ненадејното лизгање ја скршил ногата. Го пронашол друг граѓанин кој ја користел истата патека за пешачење којшто и се јавил на 112, информираат од ЦУК.
Центарот за управување со кризи (ЦУК), го повторува повикот за внимателност при движењето по планините, бидејќи на повисоките места снегот е замрзнат, а се појавува голомразица на почетокот или крајот на денот, особено на осоите, и секако не треба да се потценува Водно, како што често знаат да кажат искусните планинари, како „лесна планинска патека“, поточно треба секогаш да се внимава и да прилагодува посетителот на условите, без разлика на големината на планините по коишто се пешачи или се вози со возила.