Градоначалникот на Босилово, Ристо Манчев, предупредува на еколошка катстрофа која може да ја предизвикаат дивите депонии и тоа не само во неговата општина, туку и во целиот Југоисточен регион.
Според него, иако секојдневно се чистат депониите, за кратко повторно се отвараат и се затрупуваат со ѓубре.
-Деновиве ги чистевме депониите во селата Иловица, Штука, Моноспитово и Бориево, а денеска продолжуваме повторно.Проблемот со отпадот и депониите е многу голем и сериозен и потребна е поддршка од централната власт овој проблем да се реши. Неопходно е конечно да се стави во функција регионалната депонија и отпадот да се селектира и преработува. Вака само се вртиме во круг. Во секое село по неколку депонии, нема веќе каде да се носи ѓубрето. Се мачиме ние, се мачат и граѓаните. Не знам само до кога ќе се издржи вака. Ако работите не се сменат ни се заканува еколошка катастрофа, а проблемот ги надминува можностите и надлежностите на нашата општина, вели градоначалникот Манчев.
Додава дека е потребна силна и решителна акција од државата, бидејќи депониите никнуваат секојдневно, а отпадот ниту некаде се носи, ниту се селектира. Како што вели Манчев, на местото на сегашните депонии со чистењето само се отвора простор за новиот отпад, а стариот стои и секојдневно се трупа.
Според него, што поскоро треба да се реши проблемот со отпадот во овој дел на државата и долго најавуваната регионална депонија треба да почне да се гради, за да не дојде до еколошка катастрофа.
Инаку, последниот обид за изградба на регионална депонија пропадна пред десет години кога дојде до фаза на избор на концесионер и утврдување на цената која требаше да ја плаќаат домаќинствата од десетте општини од Југоисточниот плански регион, а од 2019 година има иницијатива за изградба на нова.