„Левичаење“, што е тоа?!
„Јас сум левичар“. Скоро секој ден ја слушам оваа реплика, но многу често се запрашувам и самиот себе си што значи тоа. Во денешно време, тешко се препознаваат идеологиите во спектар само според ставовите и постапките на луѓето. Од исклучителна важност е да можеме да ја правиме дистинкцијата помеѓу идеологиите, особено тие кои се лево-ориентирани. Затоа, треба да ја разбереме историјата на социјализмот и социјалдемократијата.
Историјата на социјалдемократијата е многу сложена, но и многу интересна. Корените на социјалдемократијата можат да се бараат во социјалистичкото и работничкото движење. Во 80-тите години на 19 век се појавуваат првите зачетоци на револуционерниот социјализам, а првите големи поделби по идеолошки линии доаѓаат малку подоцна, со поделбата меѓу реформистите и револуционерните социјалдемократи. Реформистите се обложиле на прогресивен напад и употреба на веќе постоечките демократски механизми (како што е парламентот) за мирно преземање на власта и промовирање на социјалдемократските принципи и идеи засновани на соработка меѓу класите. Другата група револуционери го смениле името во комунистичко движење, со што драстично се одвојуваат од реформистите. Оваа разлика меѓу комунистите и социјалдемократите предизвикува многу проблеми и денес, поради озлогласеноста што ги следи комунистите и честото мешање на социјалдемократите и комунистите.
Во повоениот период, социјалдемократите почнале да ја усвојуваат и имплементираат идејата за мешана економија, одвојувајќи ја приватната и јавната сопственост, со приватната сопственост како главен фокус. Јавната сопственост е сведена на јавни и комунални услуги кои работат на задоволување на основните јавни потреби. Тоа го следи почетокот на имплементацијата на кејнзијанските економски модели насочени кон елиминирање на невработеноста без уништување на приватната сопственост и пазарот на трудот. Овој период се карактеризира со создавање на Социјалистичката интернационала, која била меѓународна организација која ги обединила социјалдемократите и создава силна опозиција на комунистичките партии. Со развојот на десничарските неолиберални движења во 1980-тите, социјалдемократијата веќе вклучува и некои ставови за идеологиите на левиот центар и десниот центар. Интернационалата ја создава Декларацијата за принципи, во која ги повлекува своите ставови против комунистичките социјалисти. Ова води до големи пресврти во повеќето социјалистички партии, како и во самата организација. Потоа, во 2013 година, е создадена Прогресивната алијанса. Ова е клучно и охрабрувачко за многу социјалдемократски партии и идеолози. Проектот започна како иницијатива на германската Социјалдемократска партија СПД. Според неа, создавањето на оваа нова организација е неопходно бидејќи многу не особено демократски партии најдоа место во Социјалистичката интернационала.
Видете, со оглед на разгледаната тематика можеме да го заклучиме следното. Иако поттикнуваат од ист корен, социјалдемократите, радикалниот социјализам и другите левичарски идеологии се разликуваат во својата сушност. Да не погрешиме кога избираме која идеологија е најблиска до нашите убедувања, затоа што понекогаш возрасните кажуваат една поговорка – „не мешајте баби и жаби, тоа може многу да Ве чини!“