Доколку денес се одржат избори во земјава, а владеачката коалиција предводена од СДСМ настапи со една листа, додека ВМРО-ДПМНЕ со актуелната коалиција, скоро и да нема сценарио во кое опозициската партија би победила. Ова го нотира анализата која Преспа институтот ја направи преку аналитичакта алатка ЕлектоМетар за следење на изборите и постапување на гласачите.
Според анализата, во ваков случај опозицијата би имала околу 4% шанси да освои најголем број пратеници и притоа да дојде во позиција да го предложи составот на новата влада.
Истражувачите во своето истражување вклучиле јавно достапни податоци од Државната изборна комисија, Државниот завод за статистика и анкетни истражувања на јавното мислење.
-Она што го утврдивме беше тип за излезност и однесување на различните типови избори, како и гласачки места кои можат да се сметаат како сигурни, или добитни места за секоја од политичките партии. Односно, со други зборови утврдивме врска помеѓу излезноста и различни политички партии, како и дека личноста или други променливи имале многу мало влијание врз одлучувањето на изборите во минатото, а граѓаните главно гласале за политичка партија – соопштија денеска од Преспа институтот на средба со новинарите.
Анализата покажува дека излезноста на изборите нема влијание на резултатите на ВМРО-ДПМНЕ, партија која освојува околу 300 илјади гласови. Сепак, кога станува збор за СДСМ се забележува тесна поврзаност со излезноста, затоа што при помал одзив на граѓаните, оваа партија добива и помалку услови.
Ако се земе предвид однесувањето на електоратот од 2013 година па досега, заклучокот е дека граѓаните главно гласаат пред сѐ за партија, дури и на претседателски и на локални избори каде што би требало да игра улога и личноста.