Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска на седница донесе одлука да направи дополнување на иницијативата за кривично дело што ја достави во јули лани за случајот „Трансмет“.
ДКСК, како што рече членот Шемси Салаи, се сомнева дека штетата за Буџетот на РСМ од неуспешната конфисакција на опремата на „Трансмет“ изнесува најмалку 26,5 милиони евра.
-Фактите укажуваат на сомнежи на перење пари и други дејности од казниво дело, злоупотреба на јавен повик, несовесно работење, злоупотреба и искористување на службената положба и овластувања од страна на службени лица од МЗШВ, Министерството за транспорт, за животна средина, од тогашното Специјално јавно обвинителство, Основниот кривичен суд Скопје, „Силекс“ и други правни физички лица со што е направена штета на Буџетот на РСМ. Поради тоа, ДКСК ќе достави дополнување на нејзината иницијатива за кривично дело што ја достави со претходната одлука за „Трансмет“, рече Салаи.
ДКСК постапувала врз основа на пријава од познат подносител по електронски пат, во која е наведено дека „Силекс неметали“ и „Трансмет“ добиле тендер за изградба на браната Речани во Кочани, во износ од 36 милиони евра, дека за случајот „Труст“ и двете правни лица биле осудени да платат штета на РСМ. Исто така и дека „Силекс неметали“ бил со блокирана сметка, за изградбата на браната наплаќал цесии од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, дека стечајниот управник на „Трансмет“ добил насоки, како што се наведува, од поранешниот премиер Зоран Заев да не покренува никакви тужби против „Силекс“ за солидарен надомест на штетата, дека наплатата на долговите се одвивала преку турски фирми и оти имотот на државата бил кај „Силекс неметали“ Кратово.
ДКСК за постапување по пријавата побарала информации од Министерствата за земјоделство, шумарство и водостопанство и за транспорт, Агенцијата за управување со одземен имот, Народната банка на Србија, деловна банка на „Силекс неметали“, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Царинската управа и од Централниот регистар.
МИА