Сум била болна од грип досега ама ова што сега ми се случи не сум го видела, вели хероината на „Медена земја“, Атиџе Муратова, која поради влошена здравствена состојба е во болница во Велес.
ММС ја побара Атиџе, која ни рече дека за разлика од претходните денови, кога мислела дека ќе умре од болки, денес е малку подобра.
-Не знам што ми се случи, некој силен грип кој ме бутна повеќе од короната. Бев настината многу, па божем ми помина ама сега пак ми се врати. Не сум јадела леб не знам колку дена. Немам апетит, жива сум само од инфузии. Коски ме болат, повраќам, од се ми гади. Ме донесоа со брза помош во средата, зашто ако останев уште неколку дена дома ќе умрев, немаше да издржам. Опасен грип е ова, велат докторите. Имав температура ама се смири. До сега имам примено 10 инфузии и навистина само од тоа сум жива. Кога станувам ми се свртува свеста. А јас си велев- ај грип ќе помине. И не беше страшно од почетокот, ама за два дена нагло ми се слоши. Навистина, прележав корона и не беше толку страшно. А и вакцинирана сум од корона и не очекував дека толку многу ќе ми се слоши. Фала му на Бога и на лекарите денес малку ме попушти па ке видиме, рече Атиџе.
Кога Атиџе ја фатил грипот сите, па и сосетката Илинка, која многу и се нашла, ја советувале да оди во болница ама Атиџе, како и сите ние, се надевала дека ќе и помине.
-Не е прв пат да ме фаќа грип. Ама ова сега е невидено, нешто страшно. Устата ми е пелин, ниту имам апетит, ниту јадам. Ослабена сум уште повеќе, и тоа за четири дена. Понеделникот малку ме фати вторникот повеќе и среда веќе не можев да издржам. Лекарите едвај ме препознаа од што сум ослабена, а и носиме маска. Вистина досега сум била болна од грип ама ова е нешто многу страшно. Многу кашлам, особено навечер, кашлајки ни рече Атиџе.
Алармот за здравјето на Атиџе го уклучи нејзината пријателка Сузе Турунџиева, која се заблагодари на сосетката Илинка велејќи дека „понекогаш соседот ни е повеќе од роднина“.
-Бескрајно благодарам на тетка Илинка, првата сосетка на Атиџе која видно загрижена синоќа ми се јави и ми кажа дека Атиџе е во лоша здравствена состојба. Веднаш ја контактирав матичната докторка на Атиџе – др.Сузана Јовановска Илиева, која реагираше во истиот момент, ме смири, ми помогна и ме упати на дежурните во брзата помош на Св.Николе, каде се уверив во нивната огромна експедитивност и професионализам. Благодарение на нив, Атиџе вчеравечер беше пренесена во болницата во Велес. Огромна среќа е што и таму, во Интерното одделение, дежурните лекари и дале веднаш терапија и ги направиле сите неопходни анализи. Денеска Атиџе е во многу подобра состојба, а на моја замолница беше и посетена од др.Лилија Чолакова Дервишова. Бескрајно благодарам добри луѓе, а најмногу од се благодарам на тетка Илинка, која за Атиџе се грижи како за нејзина ќерка, напиша Сузе.
(В.М.)