Македонската Влада пред крајот на 2023-та година го усогласи деветтиот пакет антикризни мерки во вредност од 662 милиони евра.
Пакетот содржи 26 мерки наменети за социјална сигурност, а истите се насочени кон таргетирана поддршка за ранливите категории граѓани и компании, како и поддршка за надминување на потешкотиите во услови на зголемени трошоци на живот и продолжени ефекти од енергетската криза. Пензионерите покрај месечната помош, од март ќе добијат и редовно зголемување на пензиите.
Министерството за труд и социјална политика согласно Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани донесе одлука со која е предвидено од јануари годинава да биде извршена првата исплата на финансиска поддршка наменета за корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост, самохрани родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош, како и корисници на право на пензија во максимална висина до 19.000 денари. Од друга страна пак, Здружението на пензионери Штип, вели дека антикризните мерки на Владата се добредојдени, но не и доволни.
Новата година носи и нови покачувања на пензиите
Од Министерството за труд и социјална политика во изјава за ММС велат дека поддршката за пензионерите е креирана заеднички во соработка со здруженијата, со сојузот и согласно нивните интереси, а согласно со можностите на фондот и Буџетот на државата.
-Со новата одлука предвидовме финансиска поддршка за корисниците на право на пензија во висина до 19.000 денари, за период од пет месеци, започнувајќи од месец декември 2023 година, а дополнителни 3.000 денари месечно за корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина не поголема од 14.000 денари во претходниот месец од месецот во кој се врши исплатата. За корисниците на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина од 14.001 до 16.000 денари, се предвидени 2.000 денари, а по 1.500 денари месечно за корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина од 16.001 до 19.000 денари во претходниот месец од месецот во кој се врши исплатата на финансиската поддршка. Важно е да се потенцира дека исплатата на финансиската поддршка ќе се изврши без поднесување на барање од страна на корисниците, врз основа на податоците од евиденциите на ПИОМ, за остварено право во претходниот месец од месецот во кој се врши исплатата на финансиската поддршка, објаснуваат од МТСП.
Доколку, некои од корисницитe во категориите опфатени со овој закон, не добиле финансиска поддршка, може да поднесат приговор до Комисијата за одлучување по приговори за финансиска поддршка при Министерството за труд и социјална политика, во рок од осум дена од денот на извршената исплата на финансиската поддршка. Комисијата, по поднесените приговори одлучува во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на приговорот. Притоа, Комисијата за одобрените приговори доставува известување до подносителот и до институциите, а за одбиените приговори до подносителот.
Пакет антикризни мерки од 35 милиони евра за над 187.000 пензионери
Во изјава за ММС, од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија се вели дека со новиот пакет антикризни мерки е опфатена најголемата категорија на пензионери, чиј вкупен број е над 187.000 граѓани.
„Предвидени се 35 милиони евра за мерки за поддршка и заштита на стандардот на пензионерите со најниски пензии. Ваквата финансиска поддршка ќе биде спроведена во претстојните 5 месеци, почнувајќи од декември, 2023-та година. Со оваа поддршка се опфатени над 187.000 пензионери, а новиот пакет мерки вреди 662 милиони евра, што го утврди Владата. Инаку, во комуникација и соработка со Министерството за труд и социјала, договорено е и покачување на пензиите од март годинава. Согласно методологијата за усогласување во март ќе има ново усогласување на пензиите, кое е независно од оваа финансиска поддршка. Досега, системското решение за пензионерите, покажува одличен ефект во зголемување на пензиите. Од септември 2022-та година минималната пензија од 9.000 денари денес е зголемена на 13.200 денари, што е просечен раст од 25%, односно 4.200 денари за година и пол, велат оттаму за ММС.
Антикризните мерки за пензионерите добредојдени, но не доволни
Претседателот на Здружението на пензионери Штип, Ристе Нетков, во изјава за ММС вели дека секоја помош за пензионерите е добредојдена, но и дека борбата за подобро утре е легитимна, потенцирајќи дека барањата за финансиска поддршка е логична по растот на стандардот во земјава.
„Се’ што е во интерес на пензионерите и понудената помош од типот на донација или спонзорство, а во рамките на позитивното законско право е добородојдена, бидејќи Здруженијата се формирани да ги штитат интересите на пензионерите. Согласно позитивното Уставно право на секој му е овозможено да ги бара своите права, па затоа и пензионерите имааат можност да го истакнат своето право на зголемена пензија која во овој момент ги доведува на работ на егзистенцијата. Сепак, кога нешто бараш секој пат имаш можност да добиеш нешто отколку ништо да не бараш. Претстојниот период ќе покаже дали нашите масовни протести ќе вродат со плод, затоа што пензионерите не бараат повеќе од она што треба и можат да го добијат, а на институцииите е одговорноста тие барања да ги примаат и во рамките на можностите да ги регулираат правно во законски норми, истакна Нетков за ММС. Пензионерите со месеци протестираат, барајќи зголемување на пензиите за 5000 денари.
Виктор Вукановски