Исплатата на студентскиот оброк неделно по 840 денари, наместо по 140 денари дневно колку што добиваат студентите од минатата година е новина која треба да почне да се применува во вториот семестар на оваа учебна година. Такви се очекувањата на студентите кои како претставници на Универзитетското студентско собрание на Униврзитетот „Свети Кирил и Методиј“ ( УКИМ) иницирале вакво барање на средба со министерот за образование и наука Јетон Шаќири пред околу два месеца.
Целта на ова студентско барање, како што за ММС ни објасни Александар Николовски, претседател на Универзитетското студентско собрание е студентите да можат подобро да ги користат субвенциите што ги добиваат од државата за оброк, а кои сега се исплатуваат на дневна основа. Студентите кои ќе го остварат ова право, средствата во износ од 140 денари дневно можат да ги користат од понеделник до сабота, за купување храна во маркети, пекарници, ресторани и други правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна. Ако студентот во текот на денот не ги потроши парите за оброк или за да купува во маркет, тие пари не може да ги искористи наредниот ден. Токму на оваа одлука имаше многу реакции кај студентите уште летоска.
– За да се овозможи поефикасно да се искористат субвенциите, ние како Универзитетско студентско собрание доставивме иницијатива и до Собранието и до Министерството за образование според која треба да се интервенира во членот кој сега ја регулира исплатата на средствата за студентски оброк на дневна основа и да се овозможи студентите или да ги користат парите што не ги потрошиле во текот на денот, некој нареден ден, или тие да се исплатуваат еднаш неделно. Наместо да се прават шест трансакции во текот на неделата, парите ќе се трансферираат еднаш во неделата. Сметаме дека овој начин на исплата е попрактичен – вели Николовски за ММС.
Тој објаснува дека целта на студентската иницијатива е да се поттикне субвенциите за студентски оброк да се користат исклучиво за таа намена, а не да се купуваат други производи во маркетите.
– Ние не сме против тоа субвенциите да се користат во маркетите каде што студентот може да купи и други намирници, туку да се поттикне користење на тие субвенции во мензите и во кујните кои што освен пецива треба да имаат разновидна исхрана, па така ќе може секој да добие квалитетен оброк, а не само пецива – објаснува Николовски.
На нашето прашање дали оваа нивна иницијатива ќе биде спроведена до распишување на изборите за да не се чека неколку месеци додека не се избре новата влада, Николовски вели дека очекувањата се пратениците да одговорат на оваа иницијатива пред изборите со оглед на тоа што станувало збор за мала интервенција во регулативата.
Ако се прифати предлогот на Универзитетското студентско собрание студентите секој понеделник ќе имаат на располагање 840 денари, пари што можат да ги потрошат во текот на таа недела.
Некои од студентите велат дека се задоволни од висината на субвенцијата, иако станува збор за скромни 14о денари , но со оглед на тоа дека се исплатуваат како субвенција која треба да му помогне на студентот да си овозможи оброк и тоа како се добредојдени за скромниот студентски буџет. Ако се спореди македонската студентска субвенција со онаа што ја добиваат студентите во Словенија, а која изнесува помалку од три евра, тогаш нема причина да не бидат задоволни од помоштта што ја дава нашата сиромашна држава.
Од друга страна пак, Студентски отпор, младинско движење на студентите од Македонија кое се бори за повисок студентски стандард на социјалните мрежи реагираше уште веднаш кога се објави сумата од 140 денари за студентски оброк, (претходно изнеуваше 120 денари). Тие не се согласуваа и со новиот начин на исплата на парите.
– Сметаме дека согласно инфлацијата 140 денари дневно е мала сума за еден квалитетен оброк. Според предвиденото оброкот ќе може да го користиме само со картичка, а голем дел од угостителските објекти кои се наоѓаат во близина на кампусот на УКИМ не поседуваат терминали за плаќање со картички. Водени од искуството од претходните години каде што МОН доцнеа на месечно ниво со исплата на средствата, имаме сомнежи дека сега ќе успеат на дневно ниво да ги испраќаат средствата. Нашето барање е средствата да се испраќаат на неделно или месечно ниво – реагираа од Студентски отпор.
Претставниците на Студентски отпор, уште во август лани го искажаа својот став дека не се согласуваат со одлуката парите што државата им ги дава на студентите да не можат да се искористат следниот ден ако не се искористени истиот ден кога се префрлени.
– Кога веќе се одвојуваат средства зошто тие да се враќаат назад? – велат од оваа организација која се залага за подобар студентски стандард.
Право на субвенциониран оброк имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државните и приватните универзитети. За да добијат оброк, студентите треба да не се во редовен работен однос, да не извршуваат дејност регистриран земјоделец и да немаат месечни приходи повисоки од минималната плата.
Министерството за образование и наука лани го воведе новиот начин на исплата на средствата од студенски оброк според кој студентите имаат обврска во текот на денот да ги потрошат парите, во спротивно тие средства нема да бидат достапни за трошење следниот ден.
ММС побара одговори од надлежните во МОН во врска со иницијативата на Универзитетското студентско собрание за субвенционирање на студентскиот оброк и дали таа ќе може да се реализира до пред изборите. Прашавме и колку студенти користат субвенциониран студентски оброк?
– Околу 30 илјади студенти ја користат мерката субвенциониран студентски оброк и тие на дневна основа добиваат по 140 денари за 6 дена во неделата и тоа за 9 месеци во годината. Користењето на мерката е регулирано со законско решение кое минатата година во текот на месец април на нивно барање, преку претставниците на универзитетските студентски собранија, беше изменето. Дотогаш добиваа по 120 денари дневно, а исплатата се одвиваше еднократно секој месец. Измените предвидоа зголемување на износот на 140 денари и исплата на дневна основа. МОН има одлична соработка со студентските организации и веруваме дека низ дијалог во иднина ќе усвојуваме уште бројни заеднички системски решенија и мерки, а постојните, доколку е потребно ќе се модифицираат на начин и во форми кои ќе бидат прифатливи за двете страни – велат од кабинетот на министерот Јетон Шаќири за ММС.
Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк е дигитализирано, односно се спроведува исклучиво електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/.
Од Министерството за образование објаснуваат дека постапката е многу едноставна – со прикачување на само два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка.
По завршување на рокот за пријавување, кандидатите кои ги исполниле условите ќе бидат известени за тоа преку порталот каде ја поднеле својата апликација.
Потоа, потребно е да се регистрираат на активната онлајн платформа на Шпаркасе Банка со која МОН склучи нефинансиски договор за реализација на мерката и да ги ажурираат своите податоци на https://netbanking.mk/studentPortal, по што ќе добијат информација преку СМС за точното време и место за потпишување на договор за отворање на посебна сметка и за подигнување на наменскaта студентскa Visa картичкa за субвенциониран оброк, објаснуваат од Министерството за образование.
Подршка на студентите пред два месеци им даде и премиерот Ковачевски.
Студентите се наши деца и дека тие имаат право да го кажат својот глас, да бидат слушнати , да бидат вклучени во носењето на политиките кои што нив ги засегаат, а ние сме тука да ги чуеме и да работиме за нив, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
-Цели 30 години во оваа држава студентите немаше кој да ги седне на маса. 30 години студентите сите сметавме дека се само деца кои што треба да одат во школо, меѓутоа и да не учествуваат во политички процеси. На моја иницијатива јас отидов во Собранието и седнав со сите лидери на студентските движења и најдовме заедничко решение преку дијалог, рече Ковачевски.
С. Митреска