Први бојкотирани избори во земјава беа во 1994 година од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тие беа опозиција бидејќи во 1990/91 одбија да прават влада со партии на Албанците, а од 1993 “го бранеше идентитетот” отфрлајќи го референтното име со кое Македонија стана членка на ОН и низ Времената спогодба ги уреди односите со Грција и излезе од ембарго, пишува Ивон Величковски на својот Фејсбук профил.
Тој додава дека со тоа ВМРО-ДПМНЕ се исклучи од значајните процеси во земјава, од приватизацијата до фаќањето чекор со Агендата 2000, иако по Кичевскиот конгрес во 1996 година, ги прифати и ПЈРМ и Времената спогодба и приватизацијата со сите следствени општествени, политички и економски последици, како што се одвојувањето на Македонија од Словенија со што беше изоставена од првиот бран проширување на НАТО и ЕУ и останувањето на Македонија во зоната на „Српскот свет“ на Милошевиќ, поради што се случи 2001.
„Северна Македонија дури по 20 години излезе од трауматичниот застој. Со силни (домашни, регионални, континентални и меѓународни) напори низ Рамковниот договор, Тиранската платформа, Софискиот и Преспанскиот договор. Со нив дојде до посакуваното: граѓанска држава каде Македонците ја остваруваат својата конститутивност во земја – членка на НАТО, со уште една цел: полноправно членство во ЕУ“ пишува Величковски.
Тој додава дека денес ВМРО-ДПМНЕ во основа одбива да гласа за премиер на техничка влада – Албанец и пак го „брани идентитетот“ отфрлајќи го (Протоколот по) Софискиот договор со кој Северна Македонија треба да почне преговори за членство во ЕУ.
„Препознавајќи ги сличностите на обидот Северна Македонија да остане во туѓа зона на (анти-западно влијание) корисно е да се потсети и дека ВМРО-ДПМНЕ на 27 април 2017 проба да спречи политичко мнозинство според волјата на граѓаните за европски и евроатлантски правец на државата. Тој вид мнозинство е спротивен на концептот на двопартиска кохабитација низ окупација на етничката претставеност. Спречувањето злоупотреба на државни ресурси во партиски цели беше причината за воспоставување на концептот на техничка влада пред избори“ пишува Величковски.
Тој додава дека со одбивањето да учествуваат и да гласаат за оваа техничка влада, не може да се толкува поинаку од обично оставање простор повторно етно-партиски да оспорат изборен исход од значење за нацијата – политичко мнозинство што ќе ги отвори европските преговори низ изгласување на потребните уставни дополнувања. „Резимирано: ВМРО-ДПМНЕ може да не гласа за Талат Џафери за премиер. Но пратениците таму треба да размислат дали политиката во ПЈРМ (1994) и во натовска Северна Македонија (2024) може да се води на ист начин и на исти премиси“ заклучува Величковски.