СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ е платформа креирана од дискографската куќа ПМГ Рекордингс од Скопје, со мисија да регистрира, ангажира и промовира квалитетни, автохтони младински движења, сцени и поединци од Македонија. Замислена како квалитетен пресек на најубавата и најпаметна македонска младина на почетокот на 21-виот век, оваа платформа цели да биде генератор и иницијатор на дружење и (интер)генарациска, креативна и конструктивна соработка, во правец на подигање на квалитетот на животот на младите, преку нивно динамично ангажирање во областа на културата и уметноста.
Во овој контекст, платформата СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ ги препознава прогресивните и креативни млади луѓе, кои со своето творештво и делување во јавната сфера ги носат и промовираат напредните вредности. Младите се денес граѓани на светот, кои својот профил го градат преку образование, комуникација и соработка во локален, европски, но и глобален контекст. Соочени со предизвикот на непостоење соодветна средина за развој, подобар квалитет на живот и актуализација на вредностите кои тие ги застапуваат, СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ делува во насока на создавање на услови во кои младите се вреднуваат, напредуваат и се мотивирани да останат да живеат во земјата.
СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ најавува серија од различни културно-уметнички настани во рамки на кои ќе се документираат, поддржат и презентираат современите урбани движења и културната-уметничка продукција на младите денес.
Најголемиот дел од програмата ќе опфати различни формати на целовечерни и дневни музички настани во чии рамки преку серија на концерти, клупски вечери и специјализирани диџеј сесии ќе се направи пресек на младинската музичка сцена и нејзините придвижувачи во полето на современата рок, поп и електронска музика. Во контекст на домашната музичка сцена програмата ќе има и меѓународни гостувања од Србија и Англија.
Во насока на документирање и издавање на македонска музика, платформата ќе понуди две нови музички изданија за ПМГ Рекордингс. „Поп Култура“ е албум-компилација која ќе излезе на винил и која преставува пресек на современата поп продукција на млади македонски музичари. Компилацијата претставува мошне значаен историски документ како запис за времето и квалитетот на оваа сцена, а ќе биде издадена на винил – докажано најквалитетниот аналоген носач на звук и сеуште најценетиот во светот на музиката, што воедно е реткост и куриозитет на домашната сцена. Свој прв аудио запис ќе добие и средношколскиот музички состав „Црно Собрание“ како дигитално издание.
Во насока на креирање на простор за актуализација на теми кои се бават со интересите, потребите и предизвици на младите во контекстот во кој живеат и со вредностите кои ги застапуваат, платформата ќе понуди две дискусии/поткасти.
Платформата започнува со активности овој викенд со два музички настани во едукативниот културен центар „Лабораториум“ во Скопје.