Вера Милошевска- Јосифовска на последното издание на „Макфест“ настапи соло иако е препознатлива по групата „Љубојна“, а уште поголемо изненадување е што запеа песна за која музиката и текстот ги напиша таа. „Само љубов дај“ е втора нејзина авторска песна, по „Јас и ти“ и е нешто сосема поинаку од она што сме навикнале да ја слушаме.
-Песнава ја направив поодамна и некако си го чекаше патот. Ме поттикна љубовта и колку и да звучи клише. Па цел свет страда, почива и се возвишува поради љубовта. Сѐ она што нѐ опкуружува во моментов е доказ дека љубовта треба да победи иако во последниве години можеби недостасува токму човечки однос. Така што љубовта и како интимна порака и како универзална и како љубов меѓу двајца треба да победи. Најмногу ме вознемирува непочитувањето и отсуството на човечност. Луѓето имаат направено ѕид и за жал, ја имаат заборавено човечноста. А на „Макфест“ дојдов едноставно затоа што јас сум родена за музичка мисија и можам секаде да се снајдам, рече таа.
Таа се снаоѓа на сите полиња во нејзиниот живот и како мајка, сопруга, пејачка, професорка по традициско пеење во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“…
-На работа ми е прекрасно, јас сум најстарата професорка. Мојата работа наложува тимски систем на работа. А дома сме напред назад, рипни скокни. Но, успевам да организирам сѐ, а пред некое време и магистрирав. Така што се успева, само се бара многу организација, посветеност и дисциплина. Успевам секако и поради помошта од брат ми, свекрва ми и секако најмногу од мајка ми. Бабите се тука за сѐ. Без баби светов не може да се движи. Но, успевам и затоа што сум многу посветена на тоа што го правам, вели таа.
Меѓу сите обврски успева да најде време и за себе, а меѓу сите изненадувања од неа е и нејзината линија која ја довела до совршенство.
-Си почитувам режим на исхрана. Знам да си дозволам да си го каснам тоа што ми се допаѓа. Но, си почитувам секојдневен систем на конзумирање. Она што генерално недостасува во светот на еден музичар е сон и одмор. Тешко се наоѓаат тие саати ама мислам дека ги вкомпонирав. Ако другите одат во теретана, јас одам на Водно. Некој вежба пилатес, а мене повеќе ми се допаѓа одењето на базен. Теретана не е мојата средина. За да посветиш на себе тоа значи комплетно и на духот. Кога ќе одам на Водно убаво ми е меѓу зеленилото. Јас не одам на големи траси, но на таа стандардна што си одам мене ме регенерира и комплетно уживам. Марково крувче е моја дестинација. Тоа ми е најубавиот дел релаксацијата, вели Верче.
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски