Европа генерално е дестинацијата за дигиталните номади, каде што може да се живее, работи и искуси културата во кратки временски периоди, бидејќи има добра интернет конекција, одлично поврзана меѓу себе, лесна за шетање и можност за движење од држава во држава без дополнителни визи.
Сепак, според порталот Travel off Path, во 2024 година помеѓу главните дестинации за дигиталните номади ќе биде и Западниот Балкан, како регион кој е надвор од Шенген зоната и место каде што тие ќе можат да ги поминат задолжителните 90 дена, надвор од Шенген. Како главните привлечни точки на земјите од Западен Балкан, освен можноста да се биде надвор од Шенген, порталот го истакнува и понискиот стандард од земјите од ЕУ.
Од земјава се препорачуваат Скопје и Охрид како дестинации за дигиталните номади и се додава дека Северна Македонија е економски најпривлечна дестинација, со пресметка од 1307 долари месечно за покривање на сите трошоци, вклучително и сместување и храна.
Travel off Path ја опишуваат Албанија како „Грција со помал буџет“ каде што Американците може да поминат и цела година без дополнителна виза. Босна и Херцеговина е земјата со најдобро гостопримство, според порталот, додека Црна Гора, иако е една од поскапите во регионот, се опишува како одлично место за дигиталните номади. Србија, според Travel off Path, е најскапа земја за дигиталните номади на Западниот Балкан, но препорачуваат задолжително да се посетат Белград, Нови Сад и Ниш. Пофалби има и за градовите, како од разгледница, во Косово.