Потпретседателката на ВМРО ДПМНЕ, Гордана Димитриевска Кочовска во денешното телефонско гостување во емисијата “Стадион”, отворено го изрази своето несогласување со директорката на УЈП околу издавањето фискални сметки во градовите од Западна Македонија, нагласувајќи дека во најголемиот дел од правните субјекти во Тетово, без оглед на националната припадност фискални сметки се издаваат.
- Точно е дека секаде има сива економија, но мора да видиме каде е најмногу изразена. Јас не можам да се согласам особено кога зборуваме за Тетово, дека таму се издавале фискални сметки. Кога одам во продавница во Тетово не ги прашувам од која националност се но фактот е дека фискални сметки нема. Ги охрабрувам УЈП да тргнат од Тетово кон Јажинце и да направат проверка, да видиме каде ќе најдат фискални сметки и фактури, рече денес во “Стадион”, Димитриевска Кочовска.
Според нејзе смешно е да се верува дека наплатата на даноците е подеднаква низ целата држава.
- Смешно е да мислиме дека во Тетово наплатуваме даноци на исто ниво како Битола на пример. За мене е комплетно неприфатливо затоа што во Тетово нема место каде што нема отворено некаква компанија, едно до друго, што не е случај за другите делови во Македонија, потенцира потпретседателката на ВМРО ДПМНЕ, Гордана Димитриевска Кочовска.
Вели дека сопствениците на компании па и самите граѓани многу често не ги плаќаат даноците затоа што сметаат дека државата не прави ништо за нив за возврат.
- Зошто да го платам данокот ако нема ниту еден километар направено од некој пат, а било договорено и отишле 200 милиони евра, во последните неколку години паѓаме надолу токму поради овие размислувања. Ако немаме здравство како што треба, ако немаме образование како што треба, ако гледаме дека во некои делови плаќаат во некои не плаќаат, ако гледаме дека во Арачиново немаме наплата на данок на имот а Министерството за финансии префрла еден куп пари таму, легитимно е да кажете ние плаќаме за некој друг да ги користи нашите пари, така во суштина се зголемува сивата економија, потенцира Димитриевска Кочовска.
Потпретседателката на ВМРО ДПМНЕ во “Стадион” проговори и за тоа што се случува со тазе основаните компании. Вели несфатливо е како компании основани во 2022 година веднаш оствариле милионски профит а инспекторите од УЈП тоа не го детектирале како сомнително и никој ништо не воочил.
Телефонското интервју следете го во најновото издание на емисијата “Стадион” на Канал 77.