Македонија како држава има огромен проблем со непријавените и нерегистрирани работници, затајување данок и сива економија има подеднакво на целата територија на државата, но работиме заедно со Државниот инспекторат за труд како и со Државниот пазарен инспекторат за надминување на ваквите состојби, рече во денешното гостување во емисијата “Стадион” на Канал 77, директорката на УЈП, Сања Лукаревска.
Таа нагласи дека координираниот пристап помеѓу институциите е пресуден за сузбивање на таквите лоши појави во општеството.
Вели дека апсолутна невистина е митот дека градовите со поголем дел албанско население помалку плаќаат даноци од останатите региони во државава. Истакнува дека испекторите на УЈП подеднакво постапуваат со сите даночни обврзници.
- Данокот не познава етничка, политичка или било каква припадност, данокот е еднаков за сите. Кога постапуваме за неиздавање фискални сметки најмногу контроли имаме направено во централното градско подрачје на град Скопје и таму се издадени и најголемиот број решенија за забрана на вршење дејност или должност. Но постапуваме во сите региони и не постои некој што е повластен, нагласи Лукаревска.
Таа додава дека многу често во одредени региони граѓаните пријавуваат дека не успеваат да ги скенираат фискалните сметки, при што веднаш се реагира на лице место, особено ако станува збор за големите маркети.
- Истовремено има пријави кои доаѓаат на мојот меил, има пријави кои доаѓаат во инфоцентарот, има пријави каде што граѓаните пишуваат директно на фејсбук, за што веднаш соодветно сме постапиле. Сега сме доста потранспарентни и отворени во споредба со претходните години до 2016та, вели директорката на УЈП, Сања Лукаревска.
Во однос на повратот на средствата кај граѓаните преку Мој ДДВ, Лукаревска вели дека тоа е најуспешниот проект не само на Управата за јавни приходи туку на севкупното финансиско работење на државата. Во текот на наредниот период најави и зголемување на средствата кои ќе се враќаат кај граѓаните преку повратот на ДДВ.
Целосното интервју следете го во најновото издание на “Стадион” на Канал 77 како и на линкот подолу.