Добитничката на Нобеловата награда за мир – Наргес Мохамади е осудена на нови 15 месеци затвор во Иран поради наводно ширење пропаганда против Исламската Република, соопшти денеска нејзиното семејство, пренесува агенцијата Бета, повикувајќи се на АП.
Мохамади моментално се наоѓа во озлогласениот затвор „Евин“ во Техеран, каде отслужува 30-месечна казна за „ширење пропаганда против владејачкиот систем, непослушност во затвор и клеветење на владата“.
Во објава на Инстаграм нејзиното семејство објави дека новата казна е изречена на 19 декември, а Мохамади одбила да присуствува на судските седници.
По отслужувањето на казната, две години нема да смее да патува во странство, да биде член на партија или здружение, ниту да користи телефон, се наведува во пресудата и се додава дека е протерана од Техеран.
Мохамади (51) е 19-та жена и втора Иранка која ја добила Нобеловата награда за мир.
Таа го продолжува својот активизам и покрај бројните апсења и годините зад решетки.
Нобеловката Мохамади стапи во штрајк со глад во ноември поради условите во затворот и во знак на протест поради обврската на жените во таа земја да носат хиџаб – марама што им ја покрива косата, соопштија активистите за нејзино ослободување.
Таа беше една од водечките фигури во протестите по смртта на Махса Амини, која почина во притвор каде што беше претепана затоа што не носеше правилно хиџаб.