Длабоко повредени од непристојноста и од богохулното исмевање на Божествената Личност на Господ и Бог и Спасителот наш Исус Христос, воедно и на Сечесниот Крст, на т.н. Вевчански карневал, гласно повикуваме на јавно извинување од организаторите и од учесниците во тоа несреќно светогрдие, како и на превенирање на слични случувања во иднина, се вели во реакцијата на Бигорскиот манастир за маската со Исус и крстот од пивски гајби која беше прикажана на карневалот во Вевчани.
„Се сеќаваме дека кога во минатото токму на овој карневал се случи поигрување и со чувствата на верниците од исламска вероисповед, што предизвика бурна реакција на муслиманите во Македонија, се воспостави една своевидна практика да се избегнуваат маски со содржини коишто ќе предизвикуваат навреда кон верските чувства – нешто што како апел беше упатено и од општинската власт во Вевчани. Оттука, се прашуваме зошто, имајќи го предвид негативното искуство од минатото, сега некој решил да ги злоупотреби и христијанските симболи, и тоа на еден најпонижувачки и најнедостоинствен начин? Секако, според нас, поигрувањето и исмевањето со верските чувства на која било верска деноминација е злодело за кое се одговара не само пред Божјиот, туку и пред државниот суд.
По овој немил повод, би сакале повторно да напомнеме за карактерот на овие световни манифестации, со коишто на еден потполно туѓ на нашиот менталитет начин, се одбележува споменот на Св. Василиј Велики и почетокот на Новата година според Јулијанскиот календар“, се вели во реакцијата од Бигорскиот манастир.