Центарот за управување со кризи информира дека вчерашната спасителна акција е успешно спроведена за заглавените во снег кај Пониква на Осоговските Планини, при што лицата се однесени на безбедно место, а возилото е извлечено од снегот.
-Тоа е кусата информација од терен по спасителната акција на Доброволна планинска спасителна служба ДПСС „Осогово“ од Кочани, на МВР и на други ангажирани субјекти и граѓани. Вчера во 17.45 била пристигната информацијата за заглавени лица со теренско возило во снег на Поникава, Осоговски Планини, по што веднаш од ЦУК е извршен контакт со ДПСС „Осогово“, а во меѓувреме екипа од МВР со теренско возило била упатена на местото каде што се заглавени лицата, а пожарникарите биле подготвени ако требало. Вчерашната спасителна акција е успешно и на време спроведена и покрај студеното и снеговито време, информираат од ЦУК.
Во последното деноноќие од вкупните 1.944 повици на Единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК, „реални“ повици биле 31,28%, а 68,72% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 52,90%, кон Итната медицинска помош 42,03%, кон пожарникарите 2,90%, а 0,43% кон АМСМ од реалните повици кон 112 во ЦУК.