Со мали тензии меѓу полицијата и демонстрантите пред грчкиот Парламент, заврши масовниот протест на учениците и студентите во Атина, против предлог-законот на Владата за отворање приватни факултети во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.
Тензиите траеа кратко, полицијата интервенираше со прскање солзавец кон студентите кога се обидоа да се доближат до споменикот на Незнајниот јунак пред Парламент, по што и заврши протестот.
Студентите низ цела Грција, организирани од студентските здруженија одржаа собири, испраќајќи порака дека образованието мора да биде и да остане бесплатно.
Заедно со студентите во Атина, протестираа и учениците, но и просветни работници, организирани од нивниот синдикат.
Дел од студентите за МИА велат дека предлог-законот има за цел да го уништи јавното образование.
-Се плашиме дека ќе има деградација на нашите дипломи, се плашиме дека ќе биде воведена партиципација, вели еден од студентите.
Паралелно порачуваат дека нема да се откажат од нивното барање, односно Владата да ја повлече одлуката за приатните факултети.
Студентските здруженија вчера одржаа генерални собранија и освен денешните протести, донесоа одлука за опсади на дел од факултетите, со што ќе останат затворени до следната седмица.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, минатиот месец соопшти дека создаваат рамка за конечно во Грција да функционираат непрофитни, недржавни високообразовни институции,истакнувајќи дека станува збор за историска реформа во образованието.