Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во денешното гостување на Утринската програма на Канал 5, меѓу другото зборуваше и за периодот од изминатите неколку години, оценувајќи го како еден од најкритичните за земјава.
- „Сите три изминати години од 2020 наваму беа кризни години од различни причини. Пандемијата го промени животот и начинот на којшто функционираме и како гледаме кон нештата. Тоа беа тешки години и ние направивме и како држава и како институции многу за да излеземе од тие кризи поуспешно од некои други држави. Во процесот на евроинтеграции треба да влегуваме со повеќе самодоверба затоа што ние навистина припаѓаме таму. Тоа не е нешто што некој треба да ни го додели или со една недоверба дека никогаш нема да влеземе во Европска Унија“, истакна Маричиќ.
Вицепремиерот за европски прашања потенцираше дека голем број соседни нации станале дел од ЕУ само благодарение на тоа што им се имаат поклопено коцките на геостратешки план и затоа што вложиле напор да го трансформираат своето општество и држава, што е само показател дека членството во Унијата не е нешто што е недостижно и за нашата земја.
- „Не е тоа ништо недостижно, ниту нешто што ние не можеме да го направиме. Напротив, јас сум често во Брисел и во држави членки на ЕУ и не сме ништо помалку вредни, ништо помалку способни од сите тие други нации коишто веќе го направиле тоа. Често ја споменувам како пример Хрватска, но и другите во опкружувањево. Хрватска денеска е сосема поинаква држава од пред 10 години кога влегоа во ЕУ, за Бугарија и Романија не сакам да зборувам. Првпат сум бил во Бугарија во 2000 година кога се уште не се признаваа осигурувањата за коли, кога не можевте со кола да одите безбедно. Денеска е сосема друга ситуацијата. Денеска функционираат како секоја европска држава“, нагласи Маричиќ.
Тој истакна дека и понатаму има проблеми во овие држави и дека секако тие не можат да станат Германија, исто како што ниту нашата држава нема да стане Германија.
- „Има многу работи коишто можеме да ги направиме за да функционираме подобро, па да се приближиме барем до една Хрватска и Словенија. Ние направивме максимум без уставни измени. Го завршивме скринингот, увидовме каде ни се грешките, каде може да направиме повеќе и да го завршиме тоа заради нас, заради младите генерации“, заклучи Маричиќ.