Годината ја започнуваме со сите можни компликации кои можат да се замислат и кои можевме да ги претпоставиме, истакна во емисијата “Политиканти” на Слободен печат, аналитичарот Сашо Ордановски.
- Разговараме за она што се случи во македонска навигација. Еден инцидент којшто ни во некакви најфантазмагорични сценарија не сум можел ниту да помислам дека може да се случи така како што се случи, да влезат бандити, да се занимаваат со тепање. Воедно, од институцијата којашто има 24часовна онлајн дејност“, рече Ордановски.
Според него целиот скандал има две димензии. Едната е правниот тек на работите, дека се работи за кривично-правен настан, а другата е политичка димензија на скандалот.
- „Тоа не е еден-двајца се запиле во кафеана па решиле да се пресметаат, седнале во кола, отишле и направиле инцидент. Сепак се 8 души коишто упаднале таму“, потенцира Ордановски.
Со оглед на тоа што обезбедувањето не реагирало на упадот на овие лица, Ордановски прашува што би се случило доколку на местото на Беким Незири, кој е во некаква синдикално-партиска пресметка со некакви членови, дошле терористи, односно како би се реагирало тогаш.
- „ДУИ веќе најави дека не мисли дека има основи за менување на директори и за оставка и тн. Дури и во една цинична форма дека владата знае повеќе отколку судот“, заклучи Ордановски.
Ордановски вели дека не е јасно во јавноста што точно се случило во однос на пресметката, но прочитал изјава на контролор дека додека тие контролираат и даваат инструкции на авиони се случуваат хаотични сцени. Се прашува како се случило сето тоа кога сите разговори што се случуваат во просториите на контролата на летање се снимаат.
- „Ова е уште еден инцидент во низата разноразни инциденти со коишто ДУИ помалку ја забавува јавноста, а помалку јавноста со специјално внимание следи што прави ДУИ. Има во тоа едно нагласено внимание бидејќи се работи за најголемата албанска партија. Само за празничниве денови Исмет Гури, бившиот шеф на УЈП пребега и не му се знае кај му е местото бидејќи беше во сред кривична постапка. Тој сега е приклонет на струјата на Меџити, но е висок функционер на ДУИ којшто се товари за милионски проневери, пуштен дома на издржување, човекот исчезна. Ова со судството е континуирана приказна во којашто ДУИ е замешан до носот“, потенцираше Ордановски.
Во емисијата “Политиканти” на Слободен печат, Ордановски заклучи и дека ДУИ е значаен сегмент во политичката реалност, но ги троши своите коалициски партнери на непријатен начин, бидејќи секогаш кога се работи за односите на ДУИ со своите партнери, се работи за она на што македонското политичко општество е најчувствително, тоа се односите меѓу Македонците и Албанците.