Најголемата желба на брачните партнери е да се остварат како родители. Но, не сите ја имаат среќата да добијат потомство по природен пат. Еден од начините е да направат ин витро, но кога и тоа, од некои причини нема да успее, сепак се браат други начини.
Другиот начин е родителство преку сурогат мајка, кога ембрионот е од спермата и јајце клетките од сопружниците, само се наоѓа жена која бебето ќе го износи, иако има и такви кои и покрај тоа што немаат никакви здравствени проблеми, сепак, се одлучуваат нивното дете да го носи друга жена.
Преку сурогат мајка станале родители и многу семејства од Македонија, кои, бидејќи кај нас сеуште го нема, се обратиле во Агенција од Харков, Украина, која со години усреќува многу семејства од различни држави.
ММС пронајде семејство од внатрешноста во Македонија, кои за потомство се бореле цели 25 години, а пред седум години станале родители преку сурогат мајка од Украина.
Семејството, чиј идентитет е познат на редакцијата, и ден денес ја благословува Агенција и жената која го роди нивниот син, бидеќи, како што велат, да не беше тоа ние ќе останавме без дете.
Брачниот пат стапил во брак кога биле млади, но по две години сватиле дека за да станат родители, сепак, треба да побараат лекарски совет.
И тука почнува нивниот трнлив пат за потомство.
-Цели 25 години брак имавме многу обиди за да се оствариме како родители, природно,ин витро, инсиминација и што ли уште не. По само две години откако стапивме во брак тргнавме по лекари за да видиме што е проблемот. Лекарите кажаа дека јас имам цисти, но дека тоа и не е толку голем проблем доколку сакам да се остварам како мајка. Ги оперирав цистите, а направивме и еден куп други снимања. Тогаш лекарите открија дека имам проблем со каналите, а се друго од органите за репродукција ми беа во ред. Кога го дознавме тоа се решивме да направиме ин витро, вели мајката и додава:
-Тоа беше време кога кај нас се уште не се правеа вакви интервенции. Па јас и сопругот почнавме да се распрашуваме во Љубљана, Белград, Софија и ја одбравме Софија. Таму направив две ин витра кои беа неуспешни иако имав 30 јајце клетки, од кои дел и замрзнавме. Потоа правев ин витро и со замрзнатите јајце клетки, но, пак, ништо. Се разочаравме и решивме да направиме пауза. Во меѓувреме со ин витро почнаа и кај нас. Заминавме во болница во Битола, направивме ин витро, кое повторно беше неуспешно. Во меѓувреме ми кажаа дека повторно имам циста и повторно направив операција. Иако цистата не беше причина за забременувањето, но ете, ајде да ја отстраниме за да бидеме раат, само за да биде се во ред. Потоа направивме зачепување на каналите, кои според лекарите и така не ги биваше, мислејќи дека ете тоа некако ќе помогне. Но, повторно ништо и повторно разочарување, вели мајката.
Но, и покрај големото разочарување, не се откажале, туку заминале во болница во Скопје, каде почнало да се прави ин витро. Направиле и во Скопје, кое повторно било неуспешно и повторно се вратиле во Битола по уште еден обид.
-Маки големи. Лекарите велеа се е супер, овој пат ќе се случи, убави се јајце клетките. Последното ин витро што го направив лекарот беше сто проценти сигурен дека се ќе биде во ред. Ни рече: „прекрасен ембрион, на плочки да го ставам ќе се развие, а не во матка. Но, за жал ништо од тоа. Долго време надежта постоеше и кај лекарите и кај нас. Но, по седмото ин витро ние многу се разочаравме и кренавме раце. Рековме ќе правиме пауза. Во тоа време никој од лекарите не ни даде предлог дека постои варијанта на сурогат мајка, а не знаевме и ние, дека е можно некој да го износи нашето дете, кога веќе јас не можам, раскажува мајката.
Ова семејство во 2012 година почнало да се интересира за сурогат мајка. Така и ја пронашле Агенцијата во Украина. Но, ништо не можеле тогаш да направат бидејќи им се појавиле други семејни проблеми, па смртен случај и немале време кога да мислат на Украина. Смртниот случај уште повеќе ги разочарал и решиле да направат пауза од борбата за потомство.
-Но, не се откажавме. Повторно дојдовме во болница во Скопје да се распрашаме баш за сурогат мајка. Направивме повторно прегледи и лекарот повторно ни даде надеж. Ни рече-ај ќе пробаме со пункција, јајце клетките се супер. Дел од нив пак замрзнавме, дел ги вратија во мене. И пак ништо. И пак разочарување, вели мајката.
И кога разочарувањето било толку големо, вели мајката, Господ им го отворил патот.
-Отидовме на гости кај блиски луѓе, а таму имаше нивни роднини и нормално фативме муабет за нашиот проблем. Тие не прашаа зошто не пробаме со сурогат мајка. Кога им кажавме дека сакаме ама не знаеме кај да се обратиме ни рекоа дека имаат роднини кои преку сурогат мајка во Украина си добиле бебе. Ни дадоа контакт и се слушнавме со луѓето, да ни го кажат патот по кој треба да одиме. Како што ни кажаа луѓето, истото ни го кажаа и од Агенцијата во Украина кога стапивме во контакт. Во мај 2015 година заминавме за Украина на разговор. Ни ги направија сите прегледи и во август не повикаа да одиме да го напавиме ин витрото, бидејки нашле жена, која ќе го износи нашето дете. Беше 24 годишна девојка. Во август ја оплодија жената со наш, да го наречам „материјал“ и се вративме. За кусо време ни јавија дека жената е бремена. Додека тареше бременоста ние немавме потреба повторно да одиме во Украина, се беше во рацете на Агенцијата. Таа ја следеше бременоста, ја носеше жената на контроли, по секоја контрола ни пуштаа слики од ултразвук од нашето бебе, ни кажа мајката.
Како што секогаш бива со ин витро на почетокот биле две бебиња, но со текот на бременоста едниот плод забавил со раст, што многу ги исплашило, да не се случи нешто и со другото. Но, подоцна им јавиле дека со другиот плод е се во ред и дека ќе станат родители на здраво машко дете.
-По 25 години ќе станеме родители, е тоа беа големи радости. Јас дури тогаш кажав на најбиските што се случува. Татко ми беше пресреќен, но не дочека да го види внучето, во меѓувреме почина. Жената се породи на 16 мај и ние конечно по 26 години борба станавме родители. Пред да се породи од Агенцијата не повикаа и ние заминавме за Харков, каде седевме повеќе од две недели, во исчекување на нашиот син. Агенцијата ни најде апартман каде да престојуваме. А апартман имаше е жената која го носеше нашето дете, бидејќи кога ќе помине некој месец од бременоста тие ја земаат под свое, под целосна контрола за да, не дај Боже, нешто се случи. Таа мора да биде растеретена од се, убаво да се храни и да не доживува никаков стрес. Во Харков пред породување се запознавме со жената, иако во разговор со наши луѓе кои го оделе истиот пат ни кажаа дека тие воопшто не се запознвале си тие жени.
Искрено и ние се мислевме, но на крајот и таа имала желба да не запознае, а и ние посакавме. Зошто да не, наше дете носи. Па јас не можам да ги објаснам емоциите кога ја видовме жената бремена. Некое чудно чувство кое навистина не можам да го опишам. Со жената тие денови пред породување секој ден се шетавме низ град, таа ни го покажа целиот град. Едно утро и звоневме да го испланираме денот. И вртевме и не ни се јавува. Нас не фати паника. Но, по некое време ни се јавија од Агнецијата и ни рекоа дека се таа веќе се породила и да одиме во болница. Ми се чини дека одлетавме во болницата. Радост која не се опишува. Таа се породила, лекарите веднаш го земале бебето и кога отидовме не однесоа да го видиме. Веднаш беше хрането со вештачко млеко, таа не го доеше. Следниот ден отидовме да го земеме бебето, а во исто време и неа ја отпуштија од болница, па заедно заминавме во Агенцијата. Таа го погледна бебето, скала да види на кого личи, дали на таткото или на мајката. Дојде заедно со нејзината мајка. И беше драго и на жената и на мајка и дека ете направиле добро дело, некого усреќиле, вели мајката.
Ова семејство и ден денес и е благодарно на жената од Украина која им помогнала да станат родители.
-Секоја и чест, Господ здравје да и даде и сите убавини на овој свет, бидејќи нам ни донесе голема радост. се се заврши без никаков проблем, како што ни рекоа така и се случи. Искрено јас за цело време не размислував за никакви опасности. Кога син ми потпорасна мои братучетки ми признаа дека цело време биле под стрес немој нешто да се случи, па да не биде ништо па пак да се разочараме, но мене Господ некако ми ги отвори мислите и ниту во еден момент не помислив дека може нешто да тргне наопаку. На крајот Агенцијата се раздолживме. Менаџерката на од Агенцијата ми рече- немој да пресметувате колку ве чинело ова, бидејќи ништо не е повредно од ова што го држите во раце. И навистина е така. Со сите трошоци што ги имавме не чинише речиси 40.000 евра. Тука спаѓаат парите за авионските карти, нашето сместување, сместувањето на жената, пари за неа, пари за Агенцијата, пари за ин витро, за прегледи, терапии, па во одминатата бременост и правтиме и пари за гардероба, за храна, пари за преведувач, за адвокат, за се. Нивен адвокат си ги средува сите документи. Официјално го запишаа детето на наше име, му извадија пасош за да може да го донесеме. Овде му извадивме извод во кој му пишува дека е роден во Харков, а како родители сме запишани ние. Син ми има македонско државјанство, раскажа мајката.
Сега кога се е во ред, кога го гледаат синот како им расте, кога после 25 години среќата им се насмеала, тие им препорачуваат на сите кои сакаат да се остварат како родители да не се плашат да го изодат овој пат.
– Читав за Марија Шерифовиќ и сосема ја оправдувам, но за наш стандард Америка е скапа за ваква процедура. Оваа цена ние што ја плативме е за жена која не може да роди, која има здравствен проблем. Цената за жена која нема никакви здравствени проблеми, но, сепак, сака детето да и го износи сурогат мајка цената е дупла. Откако стана војната во Украина се јавував на менаџерката, и пишував пораки, сакав да и понудам помош, ако нема каде да одат им стоиме на располагање, дека нашиот дом за нив е отворен, но воопшто не одговара на телефоните. Не знам дали сега во овие услови воопшто работи Агенцијата, бидејќи и веб страницата не постои.
а за нас сето тоа низ што поминавме веќе не е важно, важно е што на нашата среќа и нема крај. Сега од оваа дистанца, гледајќи го син ми како расте, секој ден му се заблагодарувам на Бога што ни го отвори овој пат за да дојдеме до детенце.
Син ми има сега седум години, оди во второ одделение. Личи на сопругот. Споредувавме слики кога сопругот бил мал и не се разликуваат. Но, карактерот му е на мене. Ете затоа кој има мака јас топло им препорачувам да си ја побараат среќата со сурогат мајка. Јас додека го одев тој пат слушнав различни судбини, жени кои се родени без матка, кои исклучиво на овој начин можат да се остварат како родители, жени со други здравствени проблеми, брачни парови кои направиле во 10тина безуспешни ин витра и што ли не. Ова е убаво и благословено. Со мојот пример ако охрабрам барем едно семејство е супер. Човек треба само да биде истраен. Навистина би била среќна барем уште едно семејство да се усреќи. И посакувам нешто вакво и кај нас да направат. Зошто да се плаќаат толку пари во странство, а има здрави жени кои ќе сакаат да помогнат. Со жената уште некое време бевме во контакт, но со текот на времето престанавме. Сепак и благодарам и на неа и на Агенцијата. Да не беа тие не сакам ни да помислам што ќе беше со нас и уште колку пати ќе се разочаравме и уште колку болници ќе отворевме. Син ми е уште мал, но кога ќе потпорасне ќе му го раскажеме целиот наш пат како дојдовме до него, ни рече среќаната мајка.
Весна Миленковска