Владата предложила нов директор на М-НАВ да биде Илир Мехмеди, но тој не ги исполнува условите за функцијата за која го предлага Владата затоа што нема валидна дозвола за надзорен контролор за летање ниту, пак, има најмалку шестгодишно работно искуство како контролор.
Порталот „360“ пишува дека новиот предлог ќе биде Хекуран Асани, кој е активен контролор на летање во М-НАВ и, според проверките, ги исполнува барањата наведени во член 17 од Статутот на Акционерското друштво во државна сопственост М-НАВ.
Инаку Владата на денешната седница заклучи да му препорача на Надзорниот одбор на Акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М – НАВ АД Скопје, да изврши смена на двајцата извршни директори Фахрудин Хамиди и Љубе Стаменковски.
-Владата на денешната седница даде насока на Надзорниот одбор Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје да ги разреши Фахрудин Хамиди од должноста претседател на Управен одбор и извршен директор во СВН и Љубе Стаменковски од должноста член на УО и извршен директор во СВТ. Владата воедно му препорача на Надзорниот одбор на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје за извршен директор во СВН да го именува Илир Мехмеди, а за извршен директор во СВТ да го именува Милан Кораќ, стои во изјавата од Владата.
Смените во раководството на М-НАВ, Владата ги најави по минатонеделниот упад во оваа институција и напад на вработени.
Струковиот синдикат на контролори на летање најави дека од одлуката на Владата ќе зависи дали утре ќе стапат во штрајк со целосно затворање на воздушниот сообраќај, откако претходно натамошното работење го услови со оставки од директорите во М-НАВ или нивно разрешување.