Скандалот во македонската навигација и различните толкувања на насилниот упад во зградата на М-НАВ од страна на судиите од Кривичниот суд во Скопје и на Основното јавно обвинителството (ОЈО) по кој знае кој пат фрли сомнежи во судските одлуки, но и во работата на Обвинителството.
Обвинителството бараше притвор за осомничените затоа што ја загрозиле безбедноста на воздушниот сообраќај, наспроти мерките на претпазливост што им ги одреди судот на четворица од осомничените.
Случајот ја отвори дилемата дали надлежниот обвинител добро си ја завршил работата, дали навистина не собрал доволно докази, како што тврди Кривичниот суд, или пак во случајов повторно замешала прсти политиката, па предлогот на Обвинителството за определување мерка притвор за Беким Незири и за уште тројца осомничени за упадот во М-НАВ и нападот врз контролор на летање беше игнориран со поблаги мерки – одземање на пасошите на инволвираните во инцидентот и други мерки на претпазливост.
Додека трае надмудрувањето на надлежниот судија и на обвинителот, ММС потсетува на еден случај од почетокот на декември 2023 година кога Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во штуро соопштение информираше дека предложила да биде разрешен обвинител затоа што без оправдани причини не постапувал по предмети во пропишаните законски рокови,а со тоа значително била одолговлечена постапката во предметите. Нешто слично како и во случајот со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за кого биле затаени дури триесетина предмети, информација која беше обелоденета дури откако овој политичар беше ставен на црната листа на САД.
Името на огрешениот обвинител за кого се бараше разрешување минатиот месец не само што остана тајна, јавноста не беше информирана ниту колку долго криел предмети, а не дознавме ниту кои и какви предмети собирале прав во неговата непроветретна канцеларија. Дисциплинската комисија официјално информираше само дека станува збор за обвинител од скопското обвинителство.
Овој обвинител буквално се однесувал како да е во пензија, не бил обременет ниту со тоа што и завртел грб на правдата, иако кога решил да ја облече свечената тога дал заклетва дека ќе работи чесно и одговорно. Откако ја злоупотребил својата функција, неговото име е зашитетно од било каква објава на столбот на срамот, како да станува збор за некаков бренд или редок вид со кој ќе се осквернави националното богаство или државата која патем во секој извештај на Европската комисија наместо напредок, реформи и ловорики собира само негативни поени, најмногу од правосудството.
Редакцијата на ММС се обиде да дознае кој е тој обвинител што секој први во месецот не само што земал плата која не ја заработил, туку го попречил спроведувањето на правдата, а можеби примил и мито за да ги чува предметите во фиока, чекал да застарат, но оваа информација ни ја криеја како да е државна тајна.
Кога на вагата ги ставивме и аргументите со кои македонското општество се залага за искоренување на нерофесионалното, коруптивното однесување кое има име и презиме, од Основното јавно обвинителство, се повикаа на пресумпцијата на невиност, зад чиј параван ние не можеме да ги дознаеме ниту оние обвинители кои не ја заслужуваат оваа одговорна функција затоа што, ја прокоцкале довербата и треба да бидат разрешени.
Не помогна ни нашето објаснување – со тоа што се таи името на обвинителот предизвикува сомнежи дека некој сака да го заштити, затоа што и за сторени кривични дела МВР, пред се поради пресумпција на невиност, информира барем за иницијалите на прекршителите на законот, а камоли за дисциплинска постапка. Згора на ова, тежи и аргументот дека Обвинителството има точно наведено кој член од Законот го прекршил обвинителот, што сугерира дека станува збор за добро утврдена одговорност. Еве како Обвинителството ја објаснува тајноста на оваа дисциплинска постапка против, како што велат, „наведениот обвинител“:
„Јавното обвинителство и во кривичните постапки и во дисциплинските постапки кои ги води е обврзано и ја штити пресумпцијата на невиност на сите лица до правосилност на одлуката. Обвинителството во ниту еден од наведените случаи не објавува ниту иницијали, иако дел од медиумите веќе шпекулираат со имиња. Како што известивме, Дисциплинската комисија водеше постапка против наведениот обвинител и до Советот на јавните обвинители достави предлог за негово разрешување. Постапката се водеше во целост согласно законските и подзаконските акти и сега е вонадлежност на Советот на јавните обвинители“, велат од Основното обвинителство за ММС.
Нашата редакција се интересираше и колку долго овој обвинител не постапувал по предметите што му биле обврска и дали се предвидени други санкции против него, освен разрешувањето, доколку се потврди дека не си ја вршел работата ? Впрочем, кој ќе ја плати штетата за одолговлекување на правдата, прашавме во Обвинителството?
„Основот поради кој беше поведена постапката и донесена одлуката беше тешка дисциплинска повреда согласно членот 91 алинеја 8 од Законот за јавното обвинителство, односно откако по извршени контроли се констатираше дека јавниот обвинител без оправдани причини не постапувал по предмети во пропишаните законски рокови, со што значително била одолговлечена постапката во предметите. Ваквата одлука беше донесена токму за да се спречат штетни последици. Со таа цел додека траеше дисциплинската постапка, јавниот обвинител беше веќе оддалечен од функцијата, а неговите предмети се распоредени кај други јавни обвинители кои постапуваат по нив“, објаснуваат од Основното јавно обвинителство.
Обвинителството ни објасни дека надлежната комисија за дисциплински постапки има законска обврска да ја штити доверливоста на постапката бидејќи е двостепена и одлуката за разрешувањето на огрешениот обвинител мора да ја донесе Советот на јавни обвинители, но не ни одговори колку време бил толериран обвинителот што не си ја работел работата.
Нашата проверка што вели Законот за јавно обвинителство покажува дека во членот 35 пишува дека работата на јавните обвинители се оценува преку редовно и вонредно оценување. Во наредниот член 36 (1) од истиот закон се вели дека „редовното оценување на работата на јавните обвинители се врши за период од четири извештајни години, заклучно со крајот на јуни во тековната година, за работата на јавниот обвинител во претходните четири години.“
Ако овие законски норми биле испочитувани, ни стана уште понејасно како тогаш еден обвинител кој не си ја врши работата, успеал да затајува предмети со години, а го оценувале редовно, настрана што како критериуми за оцена на неговата работа биле стручноста и квалитетот во одлуките, правните лекови, ажурноста и ефикасноста, непристрасноста и совесноста, а се оценувала и соработката и односот спрема странките и другите вработени во обвинителството.
Потоа, во законот се вели дека оценувањето на работата на јавните обвинители се врши со непосреден увид во предметното постапување, месечни извештаи, преку непосреден разговор со јавниот обвинител кој се оценува, разгледување на претставки, поплаки или пофалби за неговата работа што се регистрираат во професионалното досие за секој обвинител. Значи ли тоа, дека некој му прогледал низ прсти? – и на ова прашање не успеавме да најдеме одговор.
Иако законодавецот пропишал заштитни мерки и за огрешените обвинители, во медиумите неофицијално беше објавено дека станува збор за разрешување на обвинителот Мартин Митревски, кој го водел предметот за големиот пожар во Македонска пошта. Тој додека траеше дисциплинската постапка за негово разрешување, сам побара да му биде прекината функцијата, но и тогаш кога беше објавена оваа информација, неговото име се држеше во тајност.
„Фокус“ објави дека од јули 2009 година, обвинителот Митревски е избран за јавен обвинител во ОЈО Скопје од редовите на кандидатите кои ја завршиле Академијата на судии и јавни обвинители. Митревски, како што објави „Фокус“ е син на професорката на Правниот факултет во Скопје, Данче Манолева-Митревска.
Нашето истражување нема намера да поттикне лов на обвинители и нивно бескрупулозно објавување на столбот на срамот, туку да поттикне транспарентност во дисциплинските постапки против обвинителите, судиите кои неосновано чуваат предмети под клуч во кои правдата станува недостапна за македонските граѓани, а виновниците на слобода. И секако да поттикне проверка и на нивната имотна состојба, да се откријат мотивите зошто со години чуваат предмети во бункери, откако ќе бидат разрешени заминуваат во заборав, како и мотивите за нивното не постапување по предметите.
С.Митреска.