Христос се роди! Вистина се роди!
Со овие возвишени зборови утрово во манастирот „Св. Јован Бигорски“ заврши целовечерната миса и се дочека радосната вест за Хрисовото раѓање!
Традиционална оваа вест, заедно си сите верници, ја дочека и министерката за одбрана Славјанка Петровска. Таа за ММС раскажа дека овој убавец го сака уште од кога била мала и со нејзините родители го посетувала.
-Одев со семејството, кога манастирот го немаше овој сјај што го има денес и секогаш кога одев ме пленеше некое убаво чувство, чувство на топлина. Пред неколку години ги запознав монахињите и монасите од манастирите Бигорски и Рајчица и ги почувствував како втор дом. Се радувам што со нив сум за Божик. Тоа се некои посебни моменти и доживување од она што сум го имала порано. Се задлабочувам во суштината на веста за Христивото раѓање, гледам прекрасни лица во манастирот и заедно, и тие што се познаваме и што не се познаваме, ја пречекуваме убавата вест, вели министерката за ММС.
Бидејќи Петровска потекнува од скопско, и нејзиното семејство за овие празници ги правело обичаите карактеристични за овој дел, секако главен збпр за тоа како ќе изгледа празничната трпеза го имала мајка и.
-На послужавник ставаше чинија и во неа од се што има приготвено на масата. Пред да се седне да се вечера мајка ми ја отвораше вратата и со оваа симболика го покануваше Господ да ни се придружи. Под масата секогаш стававме слама, која симболизираше благосостојба за семејството, вели таа и додава:
– Бадник беше единствениот ден во годината кога целото семејство бевме заедно и ми симболизира топлина и љубов, која ја имаме и ја споделуваме меѓу нас. Сега кога веќе не живеам заедно со семејството е малку поинаку. Кога се подготвуваше бадниковата трпеза мајка ми секогаш ги правеше покомплицираните работи, а јас ѝ помагав. Но, сега веќе знам да правам и лепче, да сукам, да правам и солена и блага пита, сарми. Од мајка ми ми останал обичај дека на Бадник мора да има и блага пита со ореви. Порано печевме само тиква, но подоцна јас малку модифицирав, првавам печена тиква со суво овошје. Јас и меѓу пријателите сум позната како некоја која многу сака да готви. Некој готвењето го смета како нешто што мора, но јас искрено уживам во тоа. Кога имам слободно време сакам да приготвувам и да викам гости, вели министерката и посака на сите здравје, среќа, љубов и благосостојба.