Новата вакцина во развој го таргетира лошиот холестерол и нуди нова надеж за намалување на кардиоваскуларните болести на достапен и ефикасен начин.
Во тек е развој на нова вакцина која нуди потенцијално решение за широко распространетиот проблем со високиот холестерол, кој погодува речиси 40 отсто од возрасните Американци. Таа иновативна вакцина, која моментално се развива, го таргетира лошиот холестерол, особено липопротеинот со ниска густина (LDL), кој е познат по тоа што ги затнува артериите и го зголемува ризикот од мозочен удар, пишува порталот Zimo.
Во истражувањето на научниците од Универзитетот во Ново Мексико и Универзитетот во Калифорнија, вакцината цели на клучниот протеин, протеин конвертаза субтилизин/кексин тип 9 (PCSK9), поврзан со LDL. Истражувањето е објавено во списанието „NPJ Vaccines“.
„Вакцината се базира на неинфективни честички на вируси, само лушпите на вирусот, кои може да се користат за развој на вакцини против разни проблеми” појаснува молекуларниот генетичар Брус Чакериан.
Посебните рецептори во црниот дроб го регулираат нивото на LDL, но вишокот PCSK9 може да ги спречи тие рецептори и да дозволи да се испушти лош холестерол во крвта. Комбинирајќи мали делови од PCSK9 со неинфективни вирусни честички научниците успеале да создадат имунолошки одговор кој го неутрализира тој штетен протеин.
Тестирањата на глувци и мајмуни ја покажале способноста на вакцината да го намали лошиот холестерол во крвта и до 30 отсто.
За разлика од сегашните PCSK9 инхибитори, новото решение нуди споредлива ефикасност, со потенцијално пониска цена. Чакериан ја нагласува целта да се развие тој нов пристап, кој е поевтин и пошироко применлив.
Додека вакцината подготвена за луѓето е сè уште далеку, ветувачките резултати досега даваат надеж за поприфатлива алтернатива, која трае околу една година по доза. Научниците се оптимисти за потенцијалното влијание врз речиси 18 милиони животи кои годишно се губат поради кардиоваскуларни болести.