Невообичаена предновогодишна тишина завладеа по улиците на Делчево, каде луѓето позастануваат до свежиот некорлог на 26 – годишната Сара С., родилката од Делчево, која почина во вторникот вечерта. За причината за смртта се’ уште се чекаат резултатите од обдукцијата.
„Ти беше најубавото нешто во нашите животи. Те сакаме повеќе од се. Постојано си во нашите мисли и страшно многу боли, затоа што те нема“, стои запишано на некрологот од семејството.
Со сопругот и семејството, младата жена овие денови требаше да ја слави својата прва рожба. Но, наместо радост, бебето се бори за живот Клиниката за детски болести во Скопје. Некролозите со насмеаниот лик на убавата Сара низ Делчево, го најавуваат нејзиниот погреб закажан за денеска.
Делчевчани го знаат младото складно семејство, кое по две години заеднички живот со свадба во октомври го прославиле бракот во исчекување на приновата.
Луѓето се во тага, шок и многу прашања. Но, се уште без одговор -од што можело да се случи интензивното крварење?
За сите прашања одговор треба да даде комисијата, која ја најави министерот за здравство, а наодите од обдукцијата треба да ја утврдат вистинската причина од што починала младата жена.
Клиничката болница – Штип вчера соопшти дека во вторникот (26.12.2023), десетина минути откако е примена, Сара колабирала, со ниска тензија, немерлив пулс и знаци за шок. Итно е породена со царски рез, а бебето веднаш транспортирано на Детската клиника.
Меѓутоа, откако бил отворен абдоменот, утврдено е дека има голема количина на крв, по што биле повикани четворица хирурзи, кои почнуваат операција за спас на пациентката.
Но, Сара не ја спасиле ни 14 шишиња крв, ниту осум доктори од кои четворица хирурзи, двајца анестезиолози и двајца гинеколози. Пренесена е на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување КАРИЛ во Скопје, каде, за жал, починала.