Српскиот неделник „Недељник“ ја објави традиционалната листа на 100 најбогати луѓе во регионот. Како што велат, листата претрпе големи промени и сега доминираат три компании од Хрватска.
На листата водат сопствениците на хрватскиот „Инфобип“ Силвио и Роберт Кутиќ и Изабел Јелениќ. Вредноста на нивната компанија за една година се зголемила за речиси 807,6 милиони евра и сега изнесува 3,307 милијарди евра.
Најбогат човек годинава во Македонија е Живко Мукаетов, првиот човек на „Алкалоид“, чие богатство се проценува на 710,5 милиони евра, според традиционалната ранг листа на најбогати луѓе во регионот, што ја прави српскиот магазин „Недељник“, пренесе порталот „Кликс.ба“.
Второто место на листата на „Недељник“ го зазема Дубравко Гргиќ, сопственик на „Аграм Груп“, чија вредност се проценува на 3,12 милијарди евра.
На трето место е компанијата „Rimac Bugatti“, во сопственост на Мате Римац, со вредност на компанијата од 3,04 милијарди евра.
Следат двајца српски бизнисмени, Мирослав Мишковиќ од „Делта Холдинг“ (3,036 милијарди евра) и Миодраг Костиќ од „МК Груп“ (2,723 милијарди евра).
Оваа година, наведува неделникот, Мишковиќ стана првиот Србин чии компании, и само на територијата на Србија, вредат повеќе од 3 милијарди евра.