Ветеровски: Во извештаите од скринингот Царинската Управа и Царинската унија имаат висок степен на усогласеност во овие последни 5-6 години како едно од поглавјата каде што е постигнат висок степен на хармонизација
„Во процесот на скрининг, кога започнаа и преговорите, се испитува, и се презентира какви се сите национални закони, колку е нивната усогласеност со европското законодавство. Она што е потврдено и во извештаите за напредокот и неформално во извештаите од скринингот е дека Царинската Управа и Царинската унија имаат висок степен на усогласеност и таа оценка се провлекува некаде во овие последни 5-6 години како едно од поглавјата каде што е постигнат висок степен на хармонизација. Ова ви го кажувам затоа што историски ЕУ е почната како Царинска унија, во 1968 година и постои веќе 55 години. Така да кај нас и она што го сакам да го пренесам е дека преговорите во суштина не се преговори во една класична смисла, него тоа е еден процес на разговор во кој што вие кажувате колку од вашето законодавство и не само законодавство туку и административните, оперативните капацитети се усогласени. Така да тука нема никакви ни попусти ни добивки, него колку побрзо ние ги направиме внатрешните реформи, односно колку побрзо ги усвоиме европските прописи, колку побрзо гу усвоиме европските практики, колку побрзо имаме дигитализација на севкупните постапки, толку побрзо ќе бидеме спремни во тој процес на преговори.Така да заклучокот е дека има високо ниво, меѓутоа тој еден процес кој што постојано се менува“, вели во интервју за Рацин.мк Златко Ветеровски, помошник директор во Царинската Управа на Северна Македонија.
Тој додаде дека има големи предизвици од причина што се бара големо инвестирање. Законодавството е многу лесно, може да се препише, меѓутоа најголемиот предизвик што го бара Европската Унија во процесот на преговори, тоа се испитува и на лице место, е колку земјата односно царината има капацитет да го спроведе тоа законодавство во сите практики.
„Ние не постоиме само за нас туку и за компаниите, за граѓаните е процесот на дигитализација бидејќи во ова ново економско опкружување, ЕУ постојано бара дигитализација на сите постапки за увоз и извоз, елиминирање на хартијата.. Кај нас со воведување на системот за електронска обработка на податоци, имаме висок степен на дигитализација, меѓутоа сметајќи дека во тој процес ние сега сме некаде, имаме усвоено 3 системи од вкупно 11-те системи што се ИТ на Европската Унија во поглед на слободното движење на стоки и царината. Така да тоа во суштина е за нас најголем предизвик, кој што ќе бара финансиски средства за инсталирање на тие системи и поддршка на компаниите“, заклучи Ветеровски.