Под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска од раните утрински часови Управата за финансиска полиција извршува претреси на повеќе локации во Прилеп и се приведуваат осомничени лица. Акцијата е резултат на повеќемесечна предистражна постапка, под кодно име „Цицач“, за кривични дела против службената положба, јавните финансии, платниот промет и стопанството што ја спроведе Управата за финансиска полиција во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал.
-Управата за финансиска полиција, како резултат на повеќемесечна предистражна постапка под кодно име „Цицач” до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против повеќе физички и две правни лице, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела измама и перење пари и други приноси од казниво дело од Кривичниот Законик на Република Северна Македонија, со што е предизвикана штета на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија во износ од 35.551.472 денари, информираат од Управата за финансиска полиција.
Како што појаснуваат оттаму, првопријавениот во својство на овластен потписник на банкарски сметки на пријавените правни лица, како и овластен потписник на банкарските сметки на повеќе физички лица, заедно со второпријавениот и третопријавениот во својство на управители и сопственици на пријавените правни лица, во период од септември 2020 до октомври 2023 година со намера да се стекнат со противправна имотна корист за себе, со лажно прикажување на факти го довеле во заблуда Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија. Тоа го направиле на тој начин што исплатил парични средства по основ на користење на право за надоместок на плата за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство на поголем број бремени жени-родилки, на начин што фиктивно ги вработувале во пријавените правни субјекти, како продавачки без да одат на работа, под услов да се бремени, притоа исплаќајќи им месечни примања во висина на минималната плата, за да по исполнувањето на законскиот услов од шест месеци, извршат корекција на плата на многу поголеми износи од минималната, давајќи невистинити и лажни податоци во Управата за јавни приходи.
-Првопријавениот во својство на овластен потписник на сметките на фиктивно вработените бремени жени – родилки, поголем дел од паричните средства кои биле исплатени од Фондот за здравствено осигурување по основ на плата за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство ги присвоил за себе на начин што дел од паричните средства ги подигал во готово, а останатиот дел ги пуштил во оптек односно ги префрлил кон банкарските сметки на пријавените правни лица и кон сметката на шестопријавената по основ давање или враќање позајмици, а се со цел да го прикрие потеклото на нелегално стекнатите парични средства, велат од Управата за финансиска полиција.
Со таквите дејствија пријавените лица го оштетиле Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија за износ од 35.551.472 денари.