Родилка од Делчево, ноќеска починала на КАРИЛ во Скопје, потврди за МИА директорката на КАРИЛ, Маја Мојсовска. Родителката е донесена во лоша здравствена состојба.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев потврдува дека вчера после 10 часот родилката од Делчево била донесена во штипската болница. Веднаш на Одделението за гинекологија и акушурство и бил извршен итен царски рез, по што во попладневните часови родилката заедно со новороденчето биле хоспитализирана во Скопје, каде во текот на вечерните часови починала.
Новороденчето се наоѓа на Детската клиника во Скопје, потврди за МИА, директорката Стојка Нацева-Фуштиќ. Таа посочи дека детето е на интензивна и е на механичка вентилација.
– Родено е со низок апгард, апградот значи на раѓање страда детето, штом е со ниски витални функции на раѓање, вели Нацева-Фуштиќ за МИА.
Таа посочи дека се следи состојбата на новороденчето. Директорот на штипската болница, Ален Ѓеорѓијев подетални информации најави за утре, откако ќе биде готов извештајот на интерната Комисија за контрола и етички прашања.