Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), по денешната седница упати апел до сите македонски политички фактори, од позицијата и од опозицијата како и до добронамерните албански партии, да сторат сѐ што е потребно за да спречат учество на партија од Косово на следните парламентари избори.
САС на МПЦ на седницата посебно внимание и загриженост посветил и на политичките случувањата и најавата за учество на косовската партија Саоопределување на македонските избори.
На седницата во полн состав, се разгледани повеќе прашања и настани поврзани со актуелниот црковен живот при што се доделија одличија на заслужни свештеници.
-На почетокот од седницата Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, од името на Синодот, им посака добредојде на новоинтронизираните архијереи, со што се заврши процесот на интеграција во рамките на МПЦ – ОА. Светиот Синод, го избра Неговото Високопреподобие архимандритот г. Никола (Трајковски) од манастирот „Св. Никола“ во с. Манастар – Мариово, за викарен архијереј на Преспанско-пелагониската епархија со титула Епископ Велички, стои во соопштението од седницата.
Според најавите, партијата Самоопределување на премиерот на Косово, Албин Курти ќе учествува на претстојните парламентарните избори во Македонија како четврта членка на коалицијата Европски сојуз за промени. Претставниците на Самоопределување ќе бидат на пратеничките листи, иако е партија која е регистрирана и работи во Косово, додека во Македонија не е регистрирана како политички субјект.
Македонскиот закон не дозволува учество на странски политички субјект на избори.