Министерот за економија Крешник Бектеши во интервју на ТВ 24 најави дека мерката „гарантирана цена“ ќе важи до крајот на следниот месец.
Наскоро, рече, министерот, ќе биде изгласан и Законот за нефер трговски практики.
„Ќе продолжи мерката најмалку за еден месец бидејќи нема да може Законот за нефер трговски практики да започне да се применува на почетокот на следната година. Тоа значи дека во јануари ќе важат мерките за „гарантирана цена“ и да се надеваме дека Собранието ќе го усвои Законот за тој да почне да се применува од почетокот на 1 февруари“, рече министерот Бектеши.
Тој објасни дека во текот на октомври податоците од терен покажале дека сепак мерката за намалување на цените на основните прехранбени производи означени со „гарантирана цена“ има простор да важи до крајот на годината.
„Во однос на втората Одлука согласно сите анализи и разговори со Државниот пазарен инспекторат, со Секторот трговија во Министерството за економија, а имајќи предвид дека е подготвен финалниот текст на Законот за нефер трговски практики, кој треба за кратко време да биде доставен во Собранието, а очекуваме да биде изгласан од пратениците, одлучивме мерката за намалување на цените на дел на основните прехранбени производи, како и знакот „гарантирана цена“, наместо до 30 ноември да важи до крајот на годината. Тоа ќе значи дека потрошувачите ќе бидат заштитени од евентуално повторно зголемување на цените“, изјави министерот Бектеши.