Ви треба здив оваа празнична сезона? Направете пауза со нас. „Space Out“ со смирувачките глетки и звуци на универзумот во нашата плејлиста, објави НАСА на својата фејсбук страница.
Претходно, во пресрет на празниците, НАСА објави спектакуларна фотографија од вселената на која се гледа структура од ѕвезди која наликува на украсена елка.
Оваа композитна фотографија, направена од вселенскиот телескоп Чандра на НАСА, го прикажува најновиот поглед на NGC 2264, космички феномен познат и како „Кластерот на божиќното дрво“. Тоа е збирка на млади ѕвезди во нашата галаксија кои се стари меѓу еден и пет милиони години. Овие ѕвезди се оддалечени околу 2.500 светлосни години од нас. Некои се поголеми, а некои помали од Сонцето.
Овој космички феномен наликува на украсена новогодишна елка поради изборот на бои, слики во различни бранови должини на светлина и ротација на композитната фотографија. Сино-белите трепкачки светла се всушност млади ѕвезди кои емитуваат рендгенски зраци, додека зелената боја го претставува гасот во маглината.
Фотографијата е ротирана во насока на стрелките на часовникот за околу 160 степени, па изгледа како врвот на „космичкото дрво“ да е на врвот на фотографијата. Младите ѕвезди, како овие на фотографијата, се многу нестабилни и произведуваат моќни блесоци и други видови промени, видливи во различни бранови должини на светлината.