Чешката полиција ги зајакна безбедносните мерки околу училиштата и другите јавни згради ширум земјата, а Карловиот универзитет во Прага денеска ги откажа сите предавања и настани откако студент вчера застрела 13 лица во зградата на универзитетот.
Пукањето беше најлошиот таков случај во централноевропската земја, каде што многу луѓе поседуваат спортско или ловечко оружје, но масовните пукања се ретки.
Министерот за внатрешни работи, Вит Ракушан изјави дека полицијата го утврдила идентитетот на убиените и дека меѓу нив нема странци. Меѓу ранетите има двајца државјани на Обединетите Арапски Емирати и еден од Холандија.
„Има 13 жртви на лудиот стрелец, а еден од убиените е самиот тој“, изјави Ракушан за чешки телевизиски канал.
Претходно власите соопштија за 14 жртви на универзитетот.
Немаме информации за конкретна закана, ова е сигнал дека сме тука и сме подготвени“ – се вели во полициското соопштение во врска со заострувањето на мерките објавено во „Икс“.
Дваесет и четиригодишниот напаѓач вчера бил пронајден мртов во зградата на универзитетот, но од полицијата велат дека сѐ уште не е јасно дали се самоубил или бил застрелан од полицаец. Полицијата соопшти и дека пред да тргне кон Универзитетот, напаѓачот го убил својот татко во нивниот дом во предградие на Прага.
Владата донесе одлука 23 декември (сабота) да биде Ден на национална жалост поради пукањето на Карловиот универзитет.
МИА