Таканареченото убиство за чест на девојчето Саман Абас (18), кое исчезна во април 2021 година, ја шокираше Италија, пренесува мондо.рс.
Неколку дена по нејзиното исчезнување, нејзините родители ја напуштиле земјата и заминале во Пакистан. Тоа на многумина им било чудно.
Во ноември 2022 година, телото на девојчето беше пронајдено во напуштена фарма во близина на полињата каде што работеше нејзиниот татко во северна Италија. Според извештаите, девојката била убиена затоа што се побунила против договорениот брак.
Нејзините родители Шабар Абас и Назија Шахин во вторникот беа осудени на доживотен затвор. Нејзиниот вујко, Даниш Хаснаин, исто така беше осуден на 14 години затвор, додека двајца братучеди беа прогласени за невини и ослободени од затвор. Таткото на девојчето, кој беше екстрадиран од Пакистан во август, изјави дека е невин пред судот.
„Овој судски процес не е завршен. Сакам да знам и кој ја убил мојата ќерка“, изјави тој пред судот.
На неговата сопруга, за која се верува дека се уште е во Пакистан, и се судеше во отсуство. Аутопсијата покажа дека Саман има скршена клучна коска, најверојатно предизвикана од давење. Како тинејџерка емигрирала од Пакистан во градот Новелар, каде брзо ги прифатила западните начини на живот и почнала да излегува со маж по нејзин избор.
Во една објава на социјалните мрежи, таа и нејзиното момче беа прикажани како се бакнуваат на улица во Болоња. Според италијанските истражители, фотографијата ги налутила родителите на девојчето, кои сакале таа да се омажи за роднина во Пакистан. Наводно, Саман му кажала на своето момче дека се плаши за својот живот поради нејзиното одбивање да се омажи за постар маж во нејзината татковина. Италијанскиот суд ги осуди родителите на доживотен затвор за убиство на нивната ќерка откако таа одби да отпатува во Пакистан за договорен брак.