Со пренамена на средства поголемиот дел од општините добија финансиска поддршка за нови и реконструирани училишта, здравствени објекти, спортски сали, градинки, улици, проекти од областа на животна средина, култура. Станува збор за 32,5 милиони евра буџетски средства кои како што вели премиерот Димитар Ковачевски се пренаменуваат со цел да се олесни и подобри животот на граѓаните во вкупно 44 општини.
- „Дел од проектите се наменети за реконструкција и изградба на училишта и спортски сали во Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода и Охрид. Парите за овие проекти во износ од 380 милиони денари (над 6,1 милиони евра) ќе се обезбедат од Министерството за образование и наука. Додека пак, 250 милиони денари (над 4 милиони евра) се обезбедуваат од Министерството за труд и социјална политика, за проекти за подобрување изградба и реконструкција на градинки, во општините Ѓорче Петров, Аеродром, Бутел, Карпош и Кисела Вода. Ова се проекти што значат подобрување на условите за згрижување на децата од предучилишна возраст, во овие општини,“ посочи Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, при потпишувањето на договорите со општините за реализација на конкретни проекти од локален интерес.
Како што информираше премиерот Ковачевски, осум милиони денари или околу 130 илјади евра, од Министерството за здравство ќе се пренаменат за Општина Илинден за реконструкција на амбулантата во оваа општина, што е од исклучително значење за заштита на здравјето на граѓаните.
Нешто повеќе од 1 милијарда денари, Министерството за транспорт и врски ќе пренамени за проекти за изградби, реконструкции и асфалтирања на улици и локални патишта и мостови, во повеќе општини, информираше претседателот на Владата.
Според зборовите на Ковачевски, од Министерството за животна средина и просторно планирање над 183 милиони денари (3 милиони евра) ќе се пренаменат за проекти од областа за животната средина, во Валандово, Прилеп, Берово, Чучер Сандево и во Пласница.
За реализација на проектот за Дом на културата во село Матејче, Липково, Министерството за култура ќе обезбеди 30 милиони денари (487.000 евра), додека 114 милиони денари ( над 1,8 милиони евра) преку Агенцијата за млади и спорт ќе се пренаменат за изградба на спортски сали, терени, урбани опреми во општините Штип, Велес и Ѓорче Петров, проекти со кои им овозможуваме на младите и на граѓаните услови за спортување и рекреација.