Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска во рамки на нејзиното гостување на емисијата “Стадион” на Канал 77, потенцираше дека поразителен е фактот дека сеуште некои луѓе погрешно ја дефинираат корупцијата и сметаат дека се нормални некои работи кои никако не смеат да се случуваат, што од друга страна доведува до ширење на корупцијата и ја лправи проблем број еден за нашите граѓани во текот на оваа и изминатата година.
- Последните истражувања на МЦМС покажуваат дека корупцијата е број еден проблем на граѓаните. За разлика од претходно кога егзистенцијалните проблеми беа на прво место, вработување, сиромаштија итн, и минатата година и оваа година корупцијата е проблем број еден. Тоа говори дека луѓето веќе ја чувствуваат како проблем и бараат чаре како да се реши, што значи дека свеста на граѓаните расте во тој дел, вели Ивановска.
Таа нагласува дека она што е добро е дека расне отпорот кај граѓаните кон вмешаноста во корумптивните зделки, но и дека според податоците од истражувањето на МЦМС зголемен е и процентот на граѓаните кои сметаат дека има надеж за справување со корупцијата во земјава, што секако се охрабрувачки податоци.
- Тоа дава надеж дека граѓаните не смеат да се потценуваат, напротив тие се креаторите на животов во државава и со зголемување на свеста на граѓаните дека никому ништо не должат, дека услугата што ја бараат е законска и дека за тоа некој зема плата, па од тој аспект мислам дека има излез за нашава држава, истакнува Ивановска во “Стадион”.
Додава дека најголемо ниво на неправда и корумпираност граѓаните пријавуваат при вработувањата и дека таквата состојба произлегува од тоа што професионалната одговорност е изгубена, а раководните лица на институциите најчесто полагаат одговорност пред политичката и пред партиската моќ односно пред оние кои ги поставиле на таа позиција.
Повеќе во линкот подолу, “Стадион” на Канал 77.