Целосно се согласувам со изјавата на американската амбасадорка дека владее епидемија на корупција во државава и навистина ми е жал што секогаш треба странските амбасадори да кажат за ние малку да се освестиме, рече во денешното гостување во емисијата Стадион на Канал 77, претседателката на ДКСК во заминување, Билјана Ивановска.
- Странските амбасадори ни го чистеа кејот, сега повторно може да видите ѓубре, странските амбасадори се грижат за парите што ги даваат за опреми и за обуки во правосудниот сектор, повеќе испадна дека тие ја сакаат нашата држава и повеќе тие се грижат за нашата држава отколку ние самите, вели Ивановска.
Во денешното издание на Стадион укажува и на тоа дека од досегашните ставени на црна листа има двајца избрани и именувани за кои уште во 2019 ДКСК имале наоди, прашањето е каде биле останатите институции кои понатаму требало да постапат по тие наоди.
- За Рамиз Мерко испративме наоди до обвинителство и до судски совет, а за Анѓушев баравме одговорност од Владата која во законскиот рок од 60 дена не извести дека нема судир на интереси, објаснува Ивановска.
Таа вели дека до сега имаат поднесено точно 53 кривични пријави но ниту една не продолжила понатаму.
- Ние имаме одговорност да ја завршиме нашата работа, понатаму како тоа ќе се спроведе е одговорност на други институции. Имаме енергија но не ја трошиме на тоа зошто не ни се применуваат препораките, нагласува првиот човек на Антикорупционерите во “Стадион”.
Во денешното гостување на Канал 77, Ивановска посочува и дека основниот проблем со корумпираноста произлегува од мотивот поради кој луѓето влегуваат во политиката. Дали е тоа постигнување на јавно добро, од јавен интерес или постигнувањето на лични, приватни цели. Како што нагласува кај нас во пракса се покажува дека најголем дел од политичарите се таму каде што се поради постигнување на лични, а не јавни интереси.
Целосниот разговор следете го на линкот подолу, во најновото издание на “Стадион” на Канал 77.